Во засолништето „Алис Спрингс“ кенгурите се секогаш на прво место
Минатата недела почина мускулестиот кенгур Роџер, кој стана планетарно популарен благодарение на атлетското и мускулесто тело и боксерските вештини. Почина на 12-годишна возраст во засолништето за кенгури „Алис Спрингс“ во Австралија.
Роџер е омилениот австралиски кенгур, кој животот го помина во паркот. Сопствениот на паркот Крис Барнс го има донесено уште како бебе, откако неговата мајка е прегазена од автомобил. Кенгурот многу брзо напредувал во градбата, тежел околу 89 килограми и достигнувал висина од 182 сантиметри.
На Инстаграм Роџер има 900.000 следбеници, а на Фејсбук повеќе од половина милион. Во последните години боледувал од артритис, а имал и ослабен вид. Како што вели Крис, Роџер имал долг и среќен живот.
Барнс го основал засолништето како место каде што би можел да го израсне Роџер. Наскоро тој станал алфа и имал 12 партнерки. Сега во „Алис Спрингс“ се згрижени над 50 кенгури.
– Во почетокот ме гледаше како конкуренција и сакаше да се бори со мене. Стануваше сѐ помускулест, а со тоа и сѐ попопуларен – вели Барнс.
Кенгурите можат да живеат и до 14 години, но ретко успеваат, посебно во дивината.
– Животот е многу потежок во дивината за постар кенгур. Кога ќе се разболат, динтоните, нашите диви кучиња ги напаѓаат и ги јадат – информира Барнс.
Мисијата на „Алис Спрингс“ е „кенгурите се секогаш на прво место“.
– Засолништето на кенгурите е место за прославување на убавината на црвениот кенгур – австралиска икона. Ги спасуваме, ги рехабилитираме и ги пуштаме повторно во дивината. Оние што не можат да бидат пуштени во дивината, остануваат да живеат во нашето засолниште на нашите 188 хектари. Образованието е приоритет.
Обезбедуваме едукација за нови негуватели, на општата јавност, училишните групи и посетителите преку нашата туристички тури – сподели Крис.
Тој прво основал Центар за спасување на бебиња кенгури во Алис Спрингс во 2005 година, а потоа го изградил засолништето „Алис Спрингс“.
– Организираме посети за секој што ќе посака. И можам да кажам дека имаме премногу посети. Во 2015 година ја изградив првата болница за диви животни во Централна Австралија со помош на донации и од посетителите на центарот. Донациите сѐ уште се добредојдени да ни помогнат да продолжиме да ја водиме нашата болница и Центарот, ни помагаат да ги спасиме загрозените животни и да се грижиме за нашите сирачиња и за возрасните кенгури, кои живеат во нашето засолниште – додава Крис.
Крис му го привлече и вниманието на Би-би-си во Велика Британија во 2011 година додека живеел во грмушките во една мала колиба со семејство на кенгури. Му понудиле да снимаат документарен филм за неговата работа со кенгурите, за неговата хумана дејност за спасување и згрижување животни, кој би придонел да се издигне свеста кај луѓето за состојбата на кенгурите и опасностите со кои тие се соочуваат. Документарецот беше насловен „Кенгурот Данди“, кој се закити со слава и беше прикажуван насекаде низ светот.