„Нетфликс“ го објави трејлерот за филмот „Последната заседа“ (The Highwaymen), во кој Кевин Костнер и Вуди Харелсон глумат тексашки ренџери што трагаат по Бони и Клајд. Приказната за оваа двојка, која ограбуваше банки и ги ликвидираше сите што ќе ѝ се најдеа на патот, во филмот е раскажана од повеќе агли. Но, од друга страна на законот, првпат ќе биде обелоденета досега нераскажаната приказна за двајца полицајци, кои се обидуваат да се приспособат на новото време, во кое насилството зема сѐ поголем данок.
Френк Хамер и Мени Гулт, кои ги глумат Кевин Костнер и Вуди Харелсон, се пензионирани полицајци што ѝ се враќаат на службата за да ја уловат легендарната криминална двојка Бони и Клајд. Во 1934 година, овие двајца тексашки ренџери долго време минале по патиштата, додека ги гонеле ограбувачите.
Филмот „Последната заседа“, според најавите, на големите екрани премиерно ќе биде прикажан на 15 март, а на „Нетфликс“ ќе биде достапен на 29 март.