Земјотресот го затекнува додека е на море. Во Малинска, во хотел со голема камена тераса на која навечер се пее „Марина“ и се игра твист. Веста за катастрофалниот земјотрес во Скопје ја слушнаа на плажа од транзисторот на една русокоса капачка со намокрени кадрици и претесен дводелен костим. Татко му, веќе истиот ден, се враќа со авион, „како граѓевинар“, да помогне колку што се може. Тој со мајка му останува уште две недели, со секојдневно слушање вести од транзисторот на русокосата Данка. Кога го соопштуваат списокот на загинатите, мајка му, со нејзиниот болникав израз, како да чека познато име и презиме за да го проследи со неверица и воздишки: – Слушна ли? Господе, господе, што се случува…
Тогаш Данка ја теши, а него, кој одвај чека, сочувствено го гушка (во својот бежов костим „тревира“). Костимот е од јак материјал, му треба долго да се исуши, па затоа допирот кај градите е влажен. Морето, плажата, музиката на терасата од хотелот и телото на Данка се оние нешта што му ги преполнуваат денот и ноќта.
Данка носи два костима, едниот веќе спомнатиот бежов со цветови во иста боја, вториот шарен, со кафени, тула и зелени цветчиња, со бела постава што ѕирнува под градникот кога Данка излегува од морето. Во споредба со строгиот, темен, едноделен костим на мајка му, Данка изгледа уште поголо. Овие костими за капење се претходници на многу поразголеното бикини, но во она време, навечер, ја замислува во шарениот, влажен костим, како го соблекува, прво градникот со белата постава, потоа гаќичките, и како меѓу нозете ѝ се покажува Тоа! – во облик на големата латинична буква V, само однатре исцрнета со сјајни влакненца, иако не му е баш јасно како Тоа изгледа. Го замислува дека дише, како мов, всушност како животинка со густо крзно, дека некоја розикава влага испарува од нејзината внатрешност. Го дрка. И така секоја ноќ во Малинска, некогаш по двапати.
Затоа, иако далеку погрозен, земјотресот не го памети толку застрашувачки, ниту јасно како поплавата од минатата година.
Од тоа лето, ја памети Данка.