Актуелниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен, и Американецот Весли Со ќе играат во големото финале на првото Светското првенство (СП) во т.н. Фишеров шах, кој се игра во норвешкиот град Ховикоден. Во полуфиналните дуели Карлсен (рејтинг 2.876) го победи Американецот Фабијано Накамура (2.812) со 12,5-7,5, а Со беше (2.767) подобар од Русинот Јан Непомнијашчи (2.776) со 13-5. Беше предвидено да се одиграат уште четири блиц-партии, но со оглед на големата бодовна разлика, тие не се одиграа. Карлсен го доби првиот ден со 7,5-4,5, вториот со 5-3, а Со со 9-3, односно 4-2.
Ваквото СП првпат е прифатено од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) пред шест месеци, а квалификациите беа играни преку интернет. Во четврт-финалето беа вклучени Каруана како последен предизвикувач на светскиот првак во класичен шах и Хикару Накамура, како победник на последниот ваков турнир пред десет години во Мајнц. Четвртиот полуфиналист беше Карлсен, кој го победил Накамура во неофицијален натпревар за СП.
Фишеровиот шах е измислен од некогашниот светски првак во класичен шах Роберт Фишер, а официјално е презентиран од него во 1996 година. Карактеристика на овој вид шах е тоа што почетната позиција е секогаш различна (друго име е шах-960, поради можните комбинации на фигурите пред првиот потег). Пешаците се на своите места, но позициите на другите фигури се измешани во однос на почетната позиција во класичен шах, со одредени ограничувања (секогаш ловците се на полиња со различна боја, кралот се поставува на кое било поле, но мора да биде помеѓу топовите итн.). Позициите на црните фигури потоа се редат како во огледало во однос на белите фигури.