Македонската спортска делегација во Тарагона би требала да има околу 150 члена, од кои над 90 ќе бидат спортисти

Каратистите, кои ќе бидат најмногубројни (шестмина) во македонската делегација на претстојните 18. Медитерански игри (МИ) во Тарагона, Шпанија (од 22 јуни до 1 јули), се главните адути за освојување мадали. Поткрепа за тоа се имињата на потенцијалните кандидати, како што се Емил Павлов, Берат Јакупи, Наташа Стефановска и други, кои се и олимписки стипендисти за ЛОИ 2020 во Токио и повеќекратни освојувачи на медали на најголемите европски и светски натпреварувања. Висок пласман и медали (како и во Мерсин во 2013-та) може да се очекува и од петте борачи, од двајцата теквондисти, како и од натурализираниот Македонец, по потекло од Словенија, Лука Заложник, кој ќе се натпреварува во коњичките спортови, во прескок.

Од другите македонски претставници не се очекуваат некои позабележителни резултати, односно би било успех доколку постават нови државни или лични рекорди. Вкупно македонската спортска делегација во Тарагона би требало да има околу 150 члена, од кои над 90 ќе бидат спортисти, плус 15 судии и околу четириесет официјални лица (функционери и тренери). Македонските спортисти треба да се натпреваруваат во 18 спорта, 14 во поединечна и четири во екипна конкуренција. Конечната листа на спортистите-учесници на МИ треба да биде позната наскоро, по завршувањето на некои изборни натпревари во некои спортови, најдоцна до средината на мај.

Пред пет години во Мерсин повеќето македонски спортисти не се прославија, постигнувањата главно беа под очекувањата, далеку од македонските рекорди, па и под нивните најдобри лични остварувања (чест на ретките исклучоци) иако беа освоени пет медали, од што еден сребрен, на борачот Дејан Богданов, и четири бронзени, за борачите Дејан Митров, Бобан Данов и Јасин Реџалари и боксерот Фатлум Жута. На МИ во Тарагона се очекува да настапат над 4.000 спортисти од 26 земји. Покрај спортистите, на МИ ќе има над 1.000 судии и официјални лица од интернационалните спортски асоцијации и над 1.000 новинари. За време на Игрите, чии натпревари се очекува да ги проследат околу 150.000 луѓе, ќе се погрижат и 3.500 волонтери. 


Само во ракометот настап со две селекции во Тарагона

На Медитеранските игри во Тарагона, Македонија ќе настапи со две ракометни селекции, машка и женска. За разлика од женската селекција, која ќе биде во најсилен состав, машката ќе биде комбинирана, со дел од А-репрезентацијата и со дел млади ракометари. Одбојкарската селекција на Македонија исто така ќе биде во „мешан“ состав во Тарагона, поради настапот на фајналфор-турнирот на средината на јуни во европската Сребрена лига, во Скопје. Во комбинираниот состав од 12 играчи ќе има неколкумина поискусни, на кои ќе им се приклучат млади, талентирани одбојкари. Фудбалската селекција (до 19 години) ќе ја предводи Добринко Илиевски и ќе ја сочинуваат 18 играчи родени по 1 јануари 2000 година. 


ПОТЕНЦИЈАЛИ КАНДИДАТИ

Карате: Емил Павлов, Берат Јакупи, Жарко Арсовски, Ненад Келебиќ, Наташа Стефановска, Ангела Мојсовска, Симона Заборска
Борење: Владимир Егоров, Раиф Камбери, Дејан Митров, Стојан Ангелов, Могамедгаџи Нуров, Бетмир Весели
Теквондо: Дејан Георгиевски, Филип Додевски
Атлетика: Дарио Ивановски, Дрита Ислами
Џудо: Артан Рушити, Арбреша Реџепи
Ритмичка гимнастика: Рејчел Стојанов
Стрелаштво: Нина Балабан
Тенис: Томислав Јотовски
Бокс: Љуљзим Исмаили, Гоце Јаневски
Коњички спортови: Лука Заложник
Пливање: Иван Симоновски, Љупчо Ангеловски
Веслање: Марјан Влаќески
Стреличарство: Петар Јаневски
Пинг понг: Кристијан Станојковски
Ракомет: мажи и жени
Фудбал: мажи, до 19 години
Одбојка: мажи
Баскет 3х3: мажи