Научниците веруваат дека Карал е најстар град во Јужна Америка и еден од најстарите градски центри на целиот американски континент. Археолошкиот локалитет се наоѓа во долината на реката Супе во јужноамериканската држава Перу, на оддалеченост од околу 200 километри од Лима. Градот припаѓа на цивилизацијата што е позната како Чико, која се појавила околу 3.000 години пред нашата ера. Во 2009 година, УНЕСКО го внесе во списокот на светско културно наследство како најстар центар на американските цивилизации.
Според истражувањата, Карал бил изграден во 2600 година пред нашата ера и во него живееле околу 3.000 луѓе. Врз основа на археолошките истражувања, научниците веруваат дека Карал постоел околу 1.000 години. Во текот на овој период неколкупати бил преобликуван, а тоа е видливо во слоевите на сите градби.
Цивилизацијата Чико се одликува со околу 16-17 населби, меѓутоа овој град е најголем и се простира на околу 600 квадратни километри. Карал се истакнува со многу добро зачуван комплексен план, монументални камени градби, пирамиди, вештачки земјени тераси и кружни камени дворови. Големата пирамида е изградена околу 2000 година пред нашата ера, таа е висока 18 метри и е најголемата градба на андските култури.
Историчарите и археолозите, врз основа на откриените монументални градби и палати, веруваат дека Карал бил центар на силна религиска идеологија. Исто така се верува дека во овој град постоело сложено и развиено општество. За разлика од месоамериканските цивилизации, во Карал не се откриени оружја и осакатени, поради што научниците веруваат дека станува збор за мирољубива цивилизација што била поставена врз основите на трговијата.
Во текот на археолошките истражувања беа откриени флејти изработени од коски на кондор и пеликан, труби изработени од коски на лама и елен. Овие наоди се откриени во една од пирамидите за која се верува дека е изградена во 2200 година пред нашата ера. Исто така е откриен детски гроб во кој археолозите пронајдоа тело на бебе што било замотано и закопано со бисери, но и плетени кошници.
Цивилизацијата Чико
Цивилизацијата Чико (позната и како цивилизацијата Карал-Супе) е најстарата цивилизација на американскиот континент. Истражувањата покажаа дека оваа древна американска култура се состоела од повеќе населени места што се сместени во северозападниот дел на денешната држава Перу. Првиот градски центар бил создаден околу 3500 година пред нашата ера, а околу 3100 година пред нашата ера се појавуваат првите големи населби. Цивилизацијата пропаднала околу 1800 година пред нашата ера.
Во минатото, научниците веруваа дека цивилизацијата не е толку стара, но новите истражувања водат кон заклучок дека станува збор за најстара цивилизација на целиот американски континент. Чико настанал милениум по сумерската цивилизација во Месопотамија и егзистирал паралелно со египетските пирамиди. Оваа древна култура ѝ претходи на најстарата месоамериканската олмешка култура за околу два милениума.
Научниците веруваат дека владетелите имале силна теократска улога. Нивните живеалишта се карактеризираат со ритуални настани – гозби, музика, алкохол итн. Не е познато дали постоела силна централна власт, меѓутоа монументалните градби покажуваат дека елитата поседувала значителна моќ и можела да го мобилизира населението.