Најуспешниот економски систем не треба да биде валкан збор
Брет Стивенс
Џон Хикенлупер би требало да биде пример за американскиот капитализам. Откако беше отпуштен од своето работно место како геолог за време на нафтената криза во 1980-тите, тој и неговите деловни партнери претворија едно празно складиште во просперитетна пиварница. Таа му помогна на Хикенлупер да ја почне својата политичка кариера, прво како градоначалник на Денвер, кој во два мандата ги решаваше проблемите на градот, па потоа уште два мандата како прагматичен гувернер на Колорадо и сега како еден од претендентите за претседателската кандидатура на демократите за изборите во 2020 година.
Сепак, Хикенлупер во една утринска емисија се изнамачи да одговори на прашањето дали се смета себеси за „горд капиталист“. Тој протестираше дека етикетирањето предизвикува поделби. Одби да го отфрли терминот „социјализам“. Како вегетаријанец, кој сѐ уште сака да јаде сланина, тој се обиде да ги прифати и двата света, па рече дека во сѐ има делови и од социјализмот и од капитализмот.
– Работевме 70, 80 и 90 часа неделно за да го изградиме бизнисот. Работевме со други бизнисмени во Денвер за да им помогнеме да го изградат својот бизнис. Дали е тоа капитализам? Претпоставувам – рече Хикенлупер.
Добро претпоставува. Денес, и покрај најновиот разочарувачки извештај за работните места, невработеноста во САД е на рекордни 3,8 отсто. Порастот на платите од 3,4 отсто е највисок во изминатите десет години. Просечниот приход на домаќинствата е најголем досега. САД имаат најконкурентна економија во светот и се најбогати откако ќе ги исклучите малите земји како Катар.
Ништо од ова не би требало да биде тешко да се нагласи. Економијата во која приватната сопственост е заштитена, приватниот бизнис се наградува, пазарите ги диктираат цените, профитите обезбедуваат стимулации, со текот на времето создава многу повеќе богатство, иновации и дарежливост и нив ги дистрибуира многу пошироко од кој било облик на централно планирање.
Тоа не е теорија. Тоа важи и во нордиските земји како Данска (која често погрешно е означена како „социјалистичка“), исто како што важи и во хиперкапиталистичкиот Сингапур. Тоа е емпириски потврден заклучок од горчливиот натпревар помеѓу капиталистичките и социјалистичките држави во 20 век. Тоа не е трка што треба да се повторува.
Ниту, пак, е нешто што би требало да му биде тешко да го признае некој како Хикенлупер, колку и да инсистира истовремено на разликите меѓу нерегулираниот и регулираниот капитализам или на пазарните цени и моралните вредности. Една од причините зошто десничарските обвинувања за „социјализмот“ на Демократската партија ретко се задржуваа е затоа што главно беа неточни. За да го подобриме капитализмот, па дури и да го спасиме сам од себе, не значи дека треба да го презираме и да го отфрламе.
Едно е да се припитоми, а друго е да се убие коњот.
До пред една година, малку демократи ќе се спротивставеа на ова тврдење. Но повеќе не е така. Умерените демократи не се загрозен вид, ама сѐ повеќе се однесуваат како некој да ги лови. Гледајќи го Хикенлупер, можете точно да прочитате што мисли, како на кајрон во долниот дел од екранот: „Не кажувај дека си горд капиталист, Џон. Не вели го тоа. Твитер ќе те убие“. Смрт предизвикана од твитер-толпа или превентивно предавство – на тоа се сведува денес политиката.
Дали е тоа добра политика? Се сомневам. Како што Џефри Кабасервис лани во ноември забележа во „Гардијан“, речиси сите демократи, кои ги преземаа местата од умерените републиканци, се умерени. Малкумина ја поддржуваат социјалистичката агенда на сенаторот Берни Сандерс. Прогресивните фаворити, како Ендру Гилам, ги загубија изборите против слаби републикански противници. Џо Бајден, пак, е на врвот на најголемите анкети за внатрепартиските избори на демократите.
Исто така, тоа е особено лоша политика за некој како Хикенлупер, кој не може со маратонско филозофирање да се извлече за вредностите на капитализмот ако се надева дека ќе се приближи до демократската номинација. Концептот на Сандерс за демократскиот социјализам добива подем не затоа што капитализмот ги разочарал граѓаните, туку затоа што Сандерс, за разлика од кој било друг кандидат, има конзистентни убедувања и е автентична личност.
За да истрае, умерениот демократ треба да се однесува умерено. Пораката може да оди вака: капитализмот им помогнал на милиони Американци досега. Тој ми помогна мене. Сега треба да го реформираме за да им помогне на сите.
Дали е Хикенлупер човекот што може да го стори тоа? Се сомневам. Од друга страна, Доналд Трамп се подготвува да води кампања заснована на просперитетна економија (штиклирано), земја во мир (штиклирано), хаотични конгресни истраги што брзо ќе ги збунат граѓаните и ќе им се здосадат (штиклирано), демократи што сакаат да ја претворат Силициумската долина во џиновско јавно претпријатие (штиклирано), неубедлив извештај на специјалниот обвинител Милер (веројатно штиклирано) и Демократска партија, која не може да се реши да цензурира конгресменка со антисемитски ставови, ниту јавно да го поддржи слободниот пазарен систем (штиклирано, штиклирано).
Се чини дека демократите сѐ уште мислат дека 2020 година ќе биде референдум за актуелниот претседател на САД. Нема да биде, туку ќе биде избор меѓу еден и друг кандидат. Во моментов, кампањата на Трамп не може да побара поголема услуга од своите претерано самоуверени противници.
Авторот е колумнист и е добитник на Пулицерова награда во 2013 г.