Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кој и зошто сакал предвремено да го „пензионира“ тогашниот шеф на државата Киро Глигоров, какви заканувачки пораки биле испраќани до него и до тогашниот претседател на парламентот Стојан Андов, во периодот пред атентатот, дали се местеле сообраќајни несреќи, имало ли навистина обид за киднапирање на новородениот внук на Андов, кој ја сервисирал линијата Белград – Атина… Тоа се само некои од прашањата што во својата најнова книга „До атентатот и по него“ ги загатнува Стојан Андов. „Нова Македонија“, во десет продолженија, им ги претставува на своите читатели најинтересните извадоци од книгата. Промоцијата на книгата, заедно со другите девет тома на избраните дела на Андов, во издание на „Матица македонска“, ќе се случи денеска, во 18 часот, во Кинотеката.

СТОЈАН АНДОВ, ДО АТЕНТАТОТ И ПО НЕГО (4)

Отидов на тој состанок. Таму веќе беа дојдени Бранко Црвенковски, со некои свои соработници, и Киро Поповски. Глигоров веќе разговараше со нив. Бранко Црвенковски предложи да формираме коалиција во која ќе влезат СДСМ, ЛП и СПМ. На оваа средба треба да утврдиме критериуми за составот на листите. Таа задача им ја препуштивме на нашите соработници. Тогаш Киро Глигоров предложи предизборната коалиција да се вика „Сојуз за Македонија“. Бидејќи претходно се согласивме Киро Глигоров да биде заеднички кандидат на коалицијата, тој рече кога ќе се создаде изборен штаб тој да биде заеднички од трите партии, а тој ќе биде четврта страна и ќе има свој претставник во изборниот штаб. Штом го завршивме состанокот, веста отиде во етерот. Весниците, телевизиите и радиото објавија дека Киро Глигоров прифатил да биде кандидат за претседател на изборите што ќе се одржат на 16 октомври како кандидат на „Сојузот за Македонија“.

Кога спомнатата средба веќе заврши, во неформален разговор Бранко Црвенковски рече дека овие избори се многу важни и ќе ги добиеме ако имаме целосна контрола на МТВ и на Македонското радио. Само нафрли едно свое размислување. Ми рече мене: „Стојан, ти, мислам, ќе се согласиш. Бидејќи генерална директорка на МРТ сега е Мелпомени Корнети, член на твојата партија, тогаш ние од СДСМ ќе одредиме кој да биде директор на Македонската телевизија, а кој на Македонското радио“. Таа треба само да ги потпише решенијата. На Бранко му реков дека треба да контактираат со Мелпомени Корнети, бидејќи таа е овластена за назначување директори. Така заврши нашиот разговор со Бранко, бидејќи не очекувавме од тоа прашање да се јави некаков проблем.

Сега ќе се осврнам малку на постапката како Мелпомени Корнети дојде за директорка на МРТВ. Отворените недоразбирања меѓу Глигоров и раководството на СДСМ за внимателните набљудувачи избија во јавноста нешто порано. Тоа се случи во врска со изборот на нов генерален директор на МРТ. Тоа прашање се отвори во јануари 1994 година, кога во јавноста почна да се создава атмосфера дотогашниот директор Тихомир Илиевски да замине од таа функција. Од Тихомир Илиевски немаше отпор. Тој правилно ги разбрал намерите и пред да се отвори директно прашањето, даде до знаење дека нема да остане на тоа место. Тие денови во еден разговор претседателот на Републиката, Киро Глигоров, ме информира дека разговарал со Илиевски, а тој му рекол дека сака да се тргне од новинарството и да премине во дипломатијата. Очекувал да биде именуван за амбасадор во некоја земја. И навистина, по извесно време, Илиевски замина за амбасадор на РМ во Шведска.

Во МРТВ имаше разни лобистички групи. Поединци новинари доаѓаа и кај мене со предлози на личности што би можеле да бидат избрани за директор на МРТВ. Еден ден го посетив Киро Глигоров да го известам за овие иницијативи. Тој ме праша дали имам некое мислење за имињата што веќе кружат за таа функција. Ми рече дека до него допираат гласови за директор на МРТВ да биде избрана Мелпомени Корнети. Ме праша дали имам некоја забелешка. Накратко му спомнав неколку имиња, ама сепак му реков дека најчесто истакнати новинари во разговор со мене ја спомнуваа Мелпомени Корнети. Ме убедуваа дека таа одлично ја познава куќата, ги знае механизмите, како работи нејзината технологија. Ми укажуваа дека најголем број новинари во разговор со мене искажуваа поддршка за неа. Ме праша кои се тие новинари. Му кажав повеќе имиња, ама му спомнав дека особено остануваат на тој предлог неколку новинарки, а за пример ја дадов Лилјана Алтипармакова и неколку нејзини блиски колешки. Таа и самата беше длабоко вградена во работата на Македонската радио-телевизија, но не покажуваше амбиции за некое раководно место. Туку, во согласност со свои колеги, предлагаше за генерален директор да биде избрана Мелпомени Корнети. На Глигоров тоа мое искажување очигледно му конвенираше. „И јас имам такви информации за мислењата на новинарите, па зошто да не се определиме за Мелпомени Корнети?“ Му спомнав дека нема да биде добро ако им се јавувам на Бранко и на луѓето од СДСМ да разговараме за овој предлог. Му реков дека директно не можам да предложам, бидејќи ако постапам така, тоа ќе личи дека си местам свој човек за таа функција, бидејќи таа е член на Либералната партија.

Кога го предупредив Киро, тој рече: „Остави ми го тоа мене.“ Наскоро дојде предлог до Собранието Мелпомени Корнети да биде избрана за генерална директорка на МРТВ и таа беше избрана. Како успеал Глигоров да ги наговори луѓето од СДСМ, а веројатно и Бранко Црвенковски, не знам, но и двајцата веќе не се враќавме на тоа прашање. Тоа се случи во мај 1994 година.

Меѓутоа, по два дена од оној наш разговор на Водно, на кој учествувавме Бранко Црвенковски, јас и Киро Поповски, Глигоров пак нѐ покани на разговор во вилата Водно. Избил нов проблем. Директорката на МРТВ, откако побарале од неа одговорни функционери од СДСМ, веднаш го именувала за главен уредник на радиото Ѓорѓи Варошлија. А во образложението напишала дека Варошлија е долгогодишен новинар во радиото, афирмиран во јавноста и ценет од колегите. Тоа било објаснувањето зошто го именувала Ѓорѓи Варошлија за директор на радиото. Воопшто не спомнала дека тоа именување е по барање на СДСМ.

Барањето на СДСМ, Сашо Ордановски да биде избран за главен уредник на телевизијата, Мелпомени Корнети го одбила. Своето одбивање го образложила дека го цени Сашо Ордановски како новинар, но целото негово новинарско искуство е во печатените медиуми. Тој ниту еден ден не работел во телевизија. Таа објаснувала дека телевизијата има многу специфичности, дека за новинарската работа лице што дотогаш работело само за печатени медиуми се потребни да се навикне на условите во телевизијата барем шест месеци. Директорот на телевизијата треба да има поголемо работно искуство во телевизијата. На луѓето од СДСМ со кои разговарала Мелпомени им објаснила дека во телевизијата навистина има искусни новинари што се докажале и затоа треба да се има доверба во нив, еден од нив да дојде за директор на телевизијата. Значи, тој проблем да го решиме со сопствени сили како што направивме со избор и именување директор на радиото. Откако ја ислушале Мелпомени, луѓето од СДСМ без коментар си отишле. А Бранко Црвенковски, откако го информирале, му се јавил на Киро Глигоров и само му рекол: „Нема коалиција, нема заеднички настап“. Потоа го информирал за одбивањето на Мелпомени Корнети да го именува Сашо Ордановски за директор на МТВ. Не ги спомнал нејзините аргументи.

Кога стигнав во вилата, Киро чекаше во дворот. Сите ние го знаеме Киро многу смирен. Но тогаш беше многу возбуден и ми рече: „Стојан, ќе ја викнам и Мелпомени Корнети кај мене, само те молам и ти разговарај со неа. Јас многу ги почитувам нејзините аргументи. И не ми е јасен овој толку цврст став на Бранко. Бранко Црвенковски инсистира Мелпомени Корнети за директор на телевизијата да го именува Сашо Ордановски, а ако не го стори тоа, коалиција нема да има за овие избори. Што да правиме сега, откако соопштивме дека има коалиција и дека јас сум кандидат за претседател на Република Македонија на коалицијата „Сојуз за Македонија“? Да знаев оти ќе ни се случуваат вакви работи, немаше да ја прифатам оваа кандидатура. Те молам, објасни ѝ на Мелпомени, еве и јас ќе ѝ објаснам, нека го потпише решението за Сашо Ордановски.“

Тогаш на Киро само му реков: „Овој случај укажува каква демократија ние ќе применуваме и што нѐ чека нас во идниот мандат.“ Додадов дека се согласувам со Бранко Црвенковски дека Сашо Ордановски може да биде добар директор на телевизијата, но се согласувам и со мислењето на Мелпомени и сите оние искусни новинари во телевизијата дека на Ордановски ќе му треба извесно време да се приспособи на работата во телевизијата и за тоа време ќе помине предизборната кампања. Киро, пак, ме потсети, велејќи дека ќе биде ова голем скандал и дека тој ќе биде доведен во многу непријатна ситуација за време на кампањата. Потоа и Киро и јас разговаравме со Мелпомени. Таа ја сфати тежината на проблемот што излегол. Рече дека не мислела оти нејзиниот принципиелен став ќе предизвика таков проблем. Бидејќи сега ги разбрала околностите, рече дека ќе го потпише решението Сашо Ордановски да биде директор на телевизијата.

Треба да се спомене дека во времето пред предизборната кампања во 1994 година, стана сосема јасно дека криминализацијата во Македонија напредува, дека основата на тој процес лежи во приватизацијата и во нарушувањето на санкциите што Советот за безбедност ги применуваше кон СР Југославија. Кај приватизацијата брзо се покажа дека нејзините први резултати ќе бидат насочени кон создавање клима за слабеење на економијата, јакнење на личниот интерес на менаџерските тимови, за што главни причини беа непрецизните, а донекаде и погрешни законски решенија. И во областа на приватизацијата спојот на интересите меѓу државни органи и државни раководители и оној слој стопанственици што го остваруваа тој процес, тој спој водеше кон голем број криминални или економски и ирационални, необјасниви појави, како што беа брзото гаснење на работните места и отпуштањето на работниците, а прилив на средства од приватизацијата немаше.

(продолжува)