Драги деца од денеска воведуваме нова рубрика на страниците на „Колибри“, која ја насловивме „Гостин-уредник“. Имаме чест прв да ни гостува и некој збор за нас да напише познатиот писател за деца Киро Донев, кој долги години и самиот беше уредник на детски списанија на издателството „Детска радост“
Гостин-уредник: Киро Донев, писател
Митко Мавров е ученик во шесто одделение во основното училиште „Кирил и Методиј“ во селото Турново, Струмичко. Освен тоа што е одличен ученик, тој е и одличен спортист. Негов омилен предмет во училиштето е – математиката. Идол му е Роналдо, а навива за Јувентус. По завршувањето на основното училиште сака да се запише во гимназија, а потоа да студира медицина…
Неговиот класен раководител Киро Дрвошанов вели дека, иако другите предмети „помалку“ ги сака, ама него и петките си го сакаат, па и тука сѐ си е во ред.
Инаку, Митко е одличен не само на училиштето, ами и меѓу најдобрите млади таленти и во фудбал, при Академија Пандев во Струмица. Веќе неколку години по трипати во текот на неделата оди на тренинг и неговиот тренер Васко Ѓоргиев во него гледа одлично десно крило во иднина, кога би играл во која било фудбалска екипа.
Во истата фудбалска школа, во Струмица, заедно со него оди и неговиот помал брат Александар, кој е четвртоодделенец, но иако е помал, често вели:
– Иако јас во Академија Пандев одам помалку време, ама кога е фудбалот во прашање, брат ми Митко може да ми носи вода!“
Времето е пред нив, да причекаме и ќе видиме кој ќе биде во право, нели?