Во овој век напредната технологија зема замав и овозможува користење автомобили со намалена потрошувачка, поефикасно користење на енергијата и еколошки пристап кон природата. За жал, иако користењето на ваквиот вид хибридни или електрични автомобили, кои иако се еколошки, ефикасни и имаат помала потрошувачка, е добредојдено, сепак тие се мошне скапи. Другите корисници на обични автомобили бараат начин како да ги намалат високите трошоци предизвикани од високите цени на горивото. Поради постојаниот раст на цената на горивото на светските берзи, според тоа и на цената на горивото во Македонија, потребата за намалување на трошоците за превоз самата се наметнува поради секојдневната употреба на автомобилите како превозно средство. Но често возачите не се свесни дека постојат навидум одредени мали работи, кои им ја зголемуваат потрошувачката на гориво. Работи што секојдневно се применуваат и не им се придава толкава важност, а се од големо значење кога станува збор за намалување на потрошувачката на гориво.
Често се забележуваат возачи што тргнуваат со полн гас, а потоа нагло закочуваат. На следниот семафор повторно го прават истото и нагло кочат до следното црвено светло. Ваквиот начин на возење непотребно предизвикува зголемена потрошувачката на горивото, а наедно го прави возењето помалку пријатно, особено за сопатниците. За да се овозможи оптималност потребно е да се движите во границата од 2.500 вртежи за бензински мотори и 2.000 вртежи за дизел-мотори. На таков начин ќе овозможите поголема ефикасност на моторот во однос на потрошувачката на гориво. Големите брзини на кратки дестинации исто така овозможуваат непотребна потрошувачка на горивото. Да, не е во ред да лазите и да создавате колона зад вас, но градските улици имаат прописи и закони што едноставно треба да се почитуваат. Доколку возите 100 км/ч во зона предвидена за 50 км/ч освен што трошите повеќе гориво може и да потрошите за казнени поени или пари за казна за пребрзо возење.
Аеродинамиката и тежината на автомобилот имаат удел во потрошувачката. Некои возачи ја оставаат дополнителната опрема во период кога не им е потребна. Пример, покривните носачи со дополнителна опрема вообичаено не ги вадат повеќето возачи. А тоа значи дека со тоа се нарушува соодносот на аеродинамиката, односно помалиот отпор е еднаков на помала потрошувачка. Исто така непотребните работи што ги чувате во багажот, кои се за да се најдат, ја зголемуваат тежината на автомобилот. А колку еден автомобил е потежок, толку е поголема неговата потрошувачка. Типичен пример е непотребното чување на зимските синџири надвор од зимскиот период.
Занемарен факт е дека притисокот на гумите и типот на гумите имаат удел во потрошувачката на горивото. Секое возило има препорачани вредности за притисокот во пневматиците. Возењето со гуми во кои притисокот е помал од препорачаното освен што ја намалува безбедноста, се одразува и на зголемената потрошувачка на вашето возило. Триењето што се создава од гумата и подлогата на која се движи автомобилот исто така претставува фактор во потрошувачката. Од 5 до 15 проценти од потрошувачката на гориво кај патничките автомобили отпаѓа на совладување на триењето, додека, пак, кај товарните возила таа бројка се движи од 15 до 30 проценти. Тоа значи дека изборот на соодветен тип гума е од голема важност. Пример доколку користите зимски гуми во летен период, кои се вообичаено подебели и пошироки, тие со нивната површина предизвикуваат поголемо триење, а наедно и поголема потрошувачка. Од друга страна, непотребно се троши нивниот волумен.
Изборот на соодветен тип гума претставува важен фактор кога станува збор за намалување на потрошувачката на гориво. Исто така од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата препорачуваат правилно да се менуваат брзините, да се вози со константна брзина, да се држи растојание помеѓу возилата, да се придвижи автомобилот веднаш по стартувањето на моторот, да има правилен товар, со што потрошувачката на гориво може да биде намалена и до 30 проценти.