Интернет-гигантот му плати на Енди Рубин 90 милиони долари и го фалеше додека ги игнорираше обвиненијата за сексуално малтретирање. Огромната испратнина поттикна голем број вработени во „Гугл“ да излезат на протести поради односот на компанијата кон жените
„Гугл“ свечено се збогуваше со херојот Енди Рубин, креаторот на софтверот за мобилни телефони андроид, кога тој си замина од компанијата во октомври 2014 година. Лери Пејџ, кој тогаш беше извршен директор на „Гугл“, јавно му посака на Енди сè најдобро понатаму, бидејќи со андроид создал нешто навистина извонредно, плус добил милијарди задоволни корисници.
Но „Гугл“ не ѝ соопшти на јавноста дека една вработена го обвини Рубин за сексуално малтретирање. Жената со која Рубин имал вонбрачна врска изјави дека ја присилил да имаат орален секс во една хотелска соба во 2013 година, а тоа го потврдија и двајца извршни директори на компанијата, кои знаеле за овој настан. „Гугл“ го истражи случајот и заклучи дека нејзиното тврдење било веродостојно, изјавија лица што се согласија да зборуваат под услов да останат анонимни, притоа повикувајќи се на договорите за строга доверливост. Според нив, Рубин бил известен, а Пејџ побарал од него да поднесе оставка.
„Гугл“ можеше да го отпушти Рубин и да не му плати ништо. Наместо тоа, компанијата му даде испратнина од 90 милиони долари, што требаше да биде исплаќана на рати од околу два милиони долари месечно во рок од четири години. Последната рата беше исплатена месецов, што беше причина вработените да излезат на масовен штрајк. Вработените на „Гугл“ организираа повеќе штрајкови поради начинот на кој компанијата се однесувала со жените.
Рубин беше еден од трите извршни директори што ги штитеше „Гугл“ во изминатата деценија откако тие беа обвинети за сексуално малтретирање. Во два случаја беа отстранети директори од високи позиции, но за да се смири ситуацијата компанијата им исплати милиони долари како испратнина иако немаше никаква правна обврска да преземе таква мерка. Во третиот случај, извршниот директор беше преместен на друга позиција во компанијата. Во сите случаи, „Гугл“ премолчи за обвиненијата против мажите.
„Њујорк тајмс“ дојде до деловни и судски документи и зборуваше со над триесетина сегашни и бивши директори и вработени во „Гугл“ за овие настани, вклучувајќи и неколку луѓе што директно беа вклучени во нив. Повеќето сакаа да останат анонимни затоа што ги обврзуваа договори за доверливост или стравуваа дека негативно ќе им се одрази на кариерата ако јавно проговорат.
Престапите варираат според сериозноста. Случајот на Рубин се издвојува по тоа колку „Гугл“ му плати и по премолчувањето на околностите под кои тој ја напушти компанијата. Откако замина Рубин, компанијата инвестираше милиони долари во неговиот следен бизнис-потфат.
Сем Сингер, портпарол на Рубин, тврдеше оти тој не добил известување од компанијата да ја напушти и дека тоа го направил по своја волја.
– Статијата на „Њујорк тајмс“ содржи многу недоследности за моето работење во „Гугл“ и претерани се исказите за компензацијата. Никогаш не сум присилил ниедна жена да има секс со мене во хотелска соба. Ваквите лажни обвиненија се дел од планот на мојата бивша сопруга да ме оцрни поради бракоразводната парница и борбата за старателство на децата – тврди Рубин.
Претходно се пишуваше за неговото напуштање на „Гугл“ по забранетата врска, но не беа обелоденети обвиненијата и финансиските услови. Во барањето поволни услови за двата вакви случаја, „Гугл“ ги заштити своите интереси. Компанија избегна сложени и скапи правни спорови и ги спречи да се вработат кај ривалски компании што беше наведено во отказните договори.
На прашањето за Рубин и за другите два случаја, Ајлин Нотон, потпретседателка на одделот за човечки ресурси на „Гугл“, изјави дека компанијата сериозно го сфаќа проблемот за сексуално вознемирување и ги разгледува сите жалби.
– Истражуваме и преземаме мерки што го вклучуваат и отказот. Во изминатите неколку години постапуваме строго со несоодветното однесување од страна на лицата на позиција. Работиме напорно да ги подобриме мерките за справување со ваков вид однесување – порача таа.
По објавувањето на оваа статија, Сундар Пичаи, главниот извршен директор на „Гугл“, и Нотон испратија мејл до сите вработени дека компанијата отпуштила 48 лица поради сексуално вознемирување во изминатите две години и никој од нив не добил испратнина.
– Посветено работиме на целта во „Гугл“ да создадеме една работна средина во која можете да се чувствувате безбедни додека работите и каде што има сериозни последици за секој што не се однесува соодветно – се вели во мејлот.
Но некои вработени во „Гугл“ тврдат дека ова не е доволно.
– Кога „Гугл“ прикрива сексуални напади и тивко ги отстранува виновниците, тоа придонесува за креирање една работна средина во која вработените чувствуваат страв да пријават таков случај. Тие мислат дека ништо нема да се преземе или, уште полошо, дека мажите ќе бидат исплатени, а жените ќе бидат игнорирани – изјави Лиз Фонг-Џонс, која работи како инженерка во „Гугл“ над една деценија и е активистка за работни права.
Рубин стана дел од „Гугл“ во 2005 година, кога почна со работа неговиот старт-ап за андроид за 50 милиони долари. Во текот на наредните неколку години, тој помогна андроид, односно софтверот што сега се користи во 80 отсто од паметните телефони во светот, да доживее огромен успех. Рекламите и мобилните апликации, кои го користат андроид, исто така заработуваат милијарди долари. Овој успех му даде на Рубин многу поголема слобода од повеќето извршни директори на „Гугл“, тврдат четворица што работеле со него. Според нив, Рубин честопати ги навредувал своите вработени дека се глупави и неспособни. „Гугл“ презел многу малку мерки за неговото однесување. Компанијата реагирала само кога обезбедувањето открила БДСМ-снимки на работниот компјутер на Рубин, изјавија три поранешни и актуелни директори во „Гугл“ што беа информирани за инцидентот.
Сингер, портпаролот на Рубин, изјави дека директорот „е познат по тоа што е директен и искрен во неговите искази“. Тој порача дека Рубин никогаш никого не нарекол неспособен. Рубин (55), кој ја запозна својата сопруга во „Гугл“, исто така се гледал со други жени во компанијата додека бил во брак, според изјавите на четворица што работеле со него. Во 2011 година, тој имал вонбрачна врска со жена што работела во тимот за андроид и притоа не ѝ бил претпоставен. Според нивните искази, одделот за човечки ресурси во „Гугл“ не бил информиран и покрај правилата за потврда на врската кога директорите се гледаат со некого кому директно или индиректно му се претпоставени.
Во тужбата што неодамна ја поднесе поранешната сопруга на Рубин, Ри Рубин, таа тврди дека тој имал повеќе „БДСМ-врски“ во кои тој бил доминантен партнер со други жени за време на нивниот брак, плаќајќи им стотици илјади долари на потчинетите партнерки. Тие се разведоа во август.
Рубин го изгради одделот за роботика во „Гугл“ познат како „Репликант“. Во текот на шест месеци во 2013 година, тој потроши 90 милиони долари за да купи осум фирми за роботика. Во тој период, Рубин повремено се гледал со друга жена што ја познавал од тимот за андроид, според двајца директори од фирмата информирани за врската. Двајцата почнале да се гледаат во 2012 година кога тој сè уште го водел секторот. До 2013 година, таа повеќе не била заинтересирана и сакала да ја прекине врската, но се плашела како ќе влијае тоа врз нејзината кариера, според сведоците. Во март истата година, таа се согласила да се сретне со него во еден хотел каде што тој ја терал да имаат орален секс. Со инцидентот се ставило крај за врската.
Жената чекала до 2014 година за да поднесе жалба до одделот за човечки ресурси на „Гугл“ и да им каже на претпоставените за врската, според вработените. „Гугл“ отворил истрага. Во септември 2014 година, неколку недели по почетокот на истрагата, одборот на „Гугл“ му доделил на Рубин пакет-акции вредни 150 милиони долари што ќе се исплаќале во наредните неколку години. Сумата била невообичаено дарежлива, дури и за стандардите на „Гугл“. Пејџ обично одредува колку директорите на високи позиции треба да бидат платени, изјавија три поранешни директори во „Гугл“. Низ годините, Пејџ изјавил пред сведоци дека сметал дека Рубин никогаш не бил соодветно платен за неговиот придонес за андроид.
Не е јасно дали Пејџ или одборот знаеле за истрагата за жалбата за сексуално малтретирање кога „Гугл“ го одобрил грантот од 150 милиони долари за Рубин. На крајот во истрагата на „Гугл“ се открило дека жалбата против Рубин е точна. Рубин ги негирал обвиненијата, но стана јасно дека врската била недозволена. Пејџ одлучил Рубин да ја напушти компанијата.
Пакетот акции што го доби Рубин му беше од голема корист да преговара за испратнината еден месец подоцна. Кога „Гугл“ ги отпушта обичните вработени, обично нема отказен рок и им исплаќа многу малку или воопшто не им исплаќа испратнина. Но за оние на висока позиција, „Гугл“ има други стандарди. Тужба за неправеден прекин на договорот би можело да поттикне непосакувано медиумско внимание за „Гугл“, а за жртвите на малтретирање со загуби што би прераснале во голема штета.
На крајот, „Гугл“ му исплати 90 милиони долари на Рубин. Според одредбата од договорот за прекинот на работниот однос, на Рубин му се забранува да работи во конкурентски компании или јавно да го оцрнува „Гугл“. Компанијата тогаш постапи надвор од стандардите за да направи заминувањето на Рубин да изгледа пријателски, вклучувајќи ја и јавната благодарност од Пејџ. Богатството на Рубин потпомогнато од „Гугл“ се зголеми за 35 пати за помалку од една деценија. Според тужбата на неговата поранешна сопруга, вредноста на неговото богатство изнесува 350 милиони долари за разлика од 10 милиони долари во 2009 година.
Различни правила за мажи и за жени?
„Гугл“ беше основан во 1998 година од Лери Пејџ и од Сергеј Брин, кои од самиот почеток негуваа флексибилна работна култура.
Во Силициумската долина е познато оти Пејџ беше во врска со Мариса Мејер, една од првите инженери во компанијата и која подоцна стана извршна директорка на „Јаху“ (и двајцата не беа во врски). Рик Шмит, бившиот извршен директор на „Гугл“, имаше љубовница на работа, која беше консултантка. Брин, пак, имаше вонбрачна врска со колешка во 2014 година.
Дејвид Драмонд, кој стана главен правен советник во компанијата во 2002 година, имаше вонбрачна врска со Џенифер Блејкли, менаџерка за склучување правни договори. Тие ја почнаа врската во 2004 година и добија син во 2007 година. Драмонд потоа ја обелодени нивната врска пред компанијата, по што „Гугл“ презема мерки. Блејкли тврди оти од одделот за човечки ресурси ѝ порачале оти не сакаат менаџерите да имаат врски со другите вработени. Блејкли вели дека станало јасно дека еден од нив морал да го напушти секторот и дека тоа сигурно немало да биде Драмонд. По аферата, кариерата на Драмонд процвета. Тој сега го предводи правниот сектор на „Гугл“. Драмонд заработи околу 190 милиони долари од акции и бонуси од 2011 година, како и дополнителни 200 милиони долари од други акции.
Блејкли беше преместена во секторот за продажба во 2007 година и една година подоцна замина од „Гугл“. Компанијата побара од неа да потпише документ во кој се наведува дека заминува своеволно. Таа изјави дека потпишала право на откажување, разрешување и сè друго што посакале од неа. Драмонд ја напуштил во 2008 година, а потоа се бореле за старателство над синот, кое таа го добила.
Според неа, пристапот на „Гугл“ кон Драмонд ја потврдува пораката дека за одредени лица не постојат последици.
– „Гугл“ сметаше дека проблемот е во мене – вели Блејкли.
Политиките за сексуално малтретирање на „Гугл“ велат оти сторителите можат да добијат отказ, ама сепак се флексибилни околу нивното спроведување.