Преспанскиот договор, кој е составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозицијата до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во насока на запознавање на јавноста што всушност содржи договорот, ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално, во форма на фељтон во повеќе продолженија
Гордана Сиљановска Давкова
Од став 4 на членот 1, јасно е дека референдумот за власта нема статус на conditio sine qua non за стапување во сила на договорот, зашто неуставно и незаконски е оквалификуван како „консултативен“, па резултатот „може“, но „не мора“ да биде прифатен од Собранието, а уставните услови од членовите 73 и 120 се релативизираат/суспендираат! Може ли консултативен референдум за прашање за кое мора да биде задолжителен да биде историски?
Да укажам на француското богато референдумско искуство. Иако францускиот устав експлицитно не споменува дека резултатот од референдумот е задолжителен, Уставниот совет (Уставен суд), кој има важна улога при организирањето, набљудувањето и оцената на референдумот, како конечен арбитер, даде толкување дека: „никој нема право да ги оспори одлуката и волјата на суверениот народ!“ Во нашиот устав, референдумот за ЕУ и за НАТО е задолжителен и одлучувачки, а според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување нема никаква правна основа овој референдум да биде консултативен! Впрочем, ако премиерот, пред Европскиот парламент, зборуваше за Северна Македонија, како за усвоено решение, референдумот станува беспредметен и бесмислен, зашто за власта резултатот е познат уште пред да се одржи. Од кого извира суверенитетот тогаш: од нас или од неа?
ВИРУСОТ „ЈАНУС СО ДВЕ ЛИЦА“ ХАРА ПО БАЛКАНОТ
Во членот 1, став 4, под а) се налага Втората страна без одложување да го достави договорот до Собранието за ратификација, небаре се работи за држава што изгубила војна и се наоѓа под окупација. Чуму брзање? Трката со времето врзана за „фаќање на роковите за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ“ (не добивме датум) и покана за членство во НАТО (не ја добивме), ја втурна Република Македонија во прифаќање решенија за кои преговарачите, како во предизборната кампања, така и до пред самото потпишување на договорот, тврдеа дека никогаш нема да ги прифатат. Тие немаа ниту мандат ниту легитимитет да ги прифатат, заради нивно непостоење во предизборната програма на СДСМ и коалициските партнери, ниту во програмата на Владата. Свежи ни се јунските, страсно повторувани изјави на премиерот за неприфаќање на какви било уставни промени, односно отфрлање на ерга омнес пристапот, со исклучок на најдобриот/единствениот предлог „Република Илинденска Македонија“, што ја фрли Републиката во пламен цели 24 часа, но по грчкото „охи“ паднавме спржени од илинденското сонце (Михалков), свесни дека пропадна предлогот, ама остана начелото ерга омнес за следниот предлог. Маестрална грчка дипломатска победа и катастрофален македонски дипломатски пораз. Изгоре Крушево, си шепотевме…
УСЛОВЕНА РАТИФИКАЦИЈА = ПРАВНА НЕСИГУРНОСТ
Во членот 1, став 4, под б) се бара Втората страна да ја извести Првата за ратификацијата на спогодбата. Во Привремената спогодба, Првата и Втората страна беа рамноправни во однос на обврската за нејзина ратификација и во неа не се условуваше нејзината ратификација од Првата страна со претходна ратификација на другата. Каде и зошто се изгуби рамноправноста на двете држави како правни субјекти, иако рамнотежата по хашката пресуда беше на повидок, па познати имиња по Меѓународно право, но и грчки политичари и новинари, напишаа и изјавуваа дека, посредно, пресудата има огромна импликација на спорот за името! Ама, не читаат луѓево.
РЕФЕРЕНДУМ ШТО МОЖЕ НО НЕ МОРА ДА СЕ ОДРЖИ, РЕЗУЛТАТ ШТО МОЖЕ НО НЕ МОРА ДА СЕ ПРИФАТИ, УСТАВ ШТО МОЖЕ НО НЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА?
Во членот 1, став 4, под в) ѝ се остава на Втората страна, ако така одлучи (значи, може но не мора) да одржи референдум („факултативен?“). Очигледно е дека креаторот смета на правниот ефект на уставната одредба од членот 118 дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон! Ама, како што предочивме претходно, Законот за ратификација на преспанската спогодба не беше изгласан во согласност со Уставот, претседателот не го потпиша указот за негово прогласување и тој сѐ уште не стапил во сила. Во нашиот Устав не постои ниту надлежност на Собранието, ниту постапка за промена на името. Се чини дека името Македонија природно се наметнало, како неразделно од македонскиот народ, македонската нација и вековната борба за национална држава. Никому не му паднало напамет поинаку да ја нарече државата, извојувана во антифашистичката и народноослободителна борба! Со дисолуцијата на СФРЈ, повторно, природно беше новата држава да си го задржи името, како име на самостојна и независна држава Македонија! Тезите дека повеќепати сме го менувале со придавките: Демократска, Народна или Социјалистичка Македонија, не заслужуваат коментар! Ignorantia!
ДАЛИ Е ГРЦИЈА ОВЛАСТЕН ПРЕДЛАГАЧ НА АМАНДМАНИ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА? А, VICE VERSA? ОД КОГО ИЗВИРА СУВЕРЕНИТЕТОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?
Во членот 1, став 4, под г) ѝ се налага на Втората страна да започне постапка за донесување амандмани како што е предвидено во овој договор!
Првата страна заборава дека Втората страна е меѓународно признаен државен субјект, членка на ООН, на Советот на Европа, на многу други регионални и меѓународни организации. Во нејзиниот устав е утврдено како се менува тој. Во Деловникот е конкретизирана постапката. Во Собранието има Комисија за уставни прашања…. Во членот 130 пишува дека предлог за измени на Уставот на Република Македонија може да поднесат: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150.000 граѓани. Во Уставот не пишува дека уставни промени може да иницира соседна држава, или меѓународната заедница, заради несогласување со името „Република Македонија“. Ние не можеме да пренесеме дел од суверенитетот на грчкиот парламент и народ, односно на соседна Грција. Можеме на ЕУ, кога ќе дојде време за тоа, пред влезот во неа. Промената на Уставот е сложена постапка, што треба да се прави „со рака што трепери“, од одговорност се разбира, а не од страв од изолација. Таа е сложена и се одвива во неколку фази, а предвидува и јавна дискусија. Ако сите досегашни чекори врзани за Преспанскиот договор се одвиваа во брза постапка, се плашам дека се подготвени и Уставот, под „европско знаме“, да го сменат по скратена, а можеби и итна постапка. Заради високата цел, ама ниту една цел не може да ги оправда ниските политички средства! Од Кант треба да се водиме, а не од Макијавели!
АМАНДМАНИ ШТО МОРА ДА СЕ ДОНЕСАТ ДО КРАЈОТ НА 2018-ТА, А НИЕ ТРЕБА ДА ГИ ПОДДРЖИМЕ НА РЕФЕРЕНДУМ, БЕЗ ДА ГИ ЗНАЕМЕ: МАЧКА ВО ВРЕЌА!
Во членот 1, став 4, под д), не водејќи сметка за сложената постапка за промена на Уставот, во императивен стил се бара Втората страна „во целост да ги усвои амандманите до крајот на 2018 година! Како може премиер и министер за надворешни работи на Грција „да им нареди“ на пратениците што ги претставуваат граѓаните на Република Македонија да усвојат амандмани, чија содржина ја нема во договорот, па не ја знаеме ниту ние ниту нашите претставници, во време „што го договориле преговарачите“, во нетранспарентна постапка, без да се консултираат со претседателот, опозицијата, пратениците и граѓаните? Како можеа 69 пратеници да гласаат за Закон за ратификација на договор без да знаат што ќе се менува во Преамбулата, членот 3 и членот 49? Да потсетам: во 2014 година, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поведе постапка за уставни измени. Амандманите ги поминаа сите фази, беше добиено мислење од Венецијанската комисија, во кое имаше остра критика за некои, но и пофалба за други. И… никој не знае каде завршија не само лошите, туку и добрите. Веројатно се исплашија од отворањето на Пандорината кутија, од која, за жал, кај нас не излегуваат европски духови, туку најпримитивни балкански авети. Наместо да ги затвориме големите уставни дупки и расплетеме уставните конфузии, ние измислуваме нови, па ни се заканува опасност да се најдеме пред амбисот за кој алегорично и луцидно пишуваше Радое Домановиќ!
ВТОРАТА СТРАНА ГО ИЗВЕСТУВА РЕВИЗОРОТ И ГО ЧЕКА НЕГОВИОТ ПРАТЕНИЧКИ АМАНЕТ ВО ФОРМА НА РАТИФИКАЦИЈА. А, АКО НЕ ГО ДАДЕ?
Во членот 1, став 4, под ѓ) небаре грчка колонија, Втората страна се обврзала да ја извести Првата за донесените амандмани и завршените внатрешни правни постапки, за да може Првата страна да ја ратификува веднаш! Ова е една од ретките обврски на Грција. Со ваквите обврски, Првата страна се самоограничува како државен субјект, трансформирајќи се во потчинет квазидржавен ентитет, слаба држава, недовршена држава, со елементи на пропадната држава! Да повторам: Кривичниот законик на Р Македонија предвидува дека оној што ќе ја доведе Република Македонија во подредена положба во однос на друга држава ќе стори казнено дело (членот 308). Членот 178 од Кривичниот законик ја санкционира повредата на угледот на Република Македонија. Членот 179 се однесува на кривично дело: изложување на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците! Извинете ме, зарем и јас се заразив од заканите за „кривична одговорност“? Не ми личи.
Во членот 1, став 5, на „страните“ им се наложува, по влегувањето во сила на оваа спогодба, да ги употребуваат новото име и термините од членот 1, став 3 во сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, вклучувајќи ги односите со сите држави-членки на ОН. Се разбира, иако став 5 оперира со плурал, односно со страните, обврската е само за Втората страна, зошто Хеленската Република е надредената, а безимената Втора страна – подредената. Навистина е „достоинствено“ да барате од оние што ве признале под уставното име, сега да ве препризнаат како „Северна Македонија“, небаре сте четврти регион во Грција! Гласајте за „европска Македонија“, велат политичарите-диригенти, грчките политичари опоменуваат, хористите од секаков профил го повторуваат рефренот, ама политичките диригенти за последен пат официјално го прават тоа, зашто по стапувањето во сила на договорот не ќе смеат да го употребуваат ова име, а ќе мора да ја предупредуваат и третата страна да не го прави тоа, зошто го забранува договорот и „ќе го повредат правото“! Оние сто и четириесетина држави што нѐ признале под уставното име, тоа го сториле поради Повелбата, а не од љубов кон нас. Тие ги знаеле и верувале во нормите од ius cogens карактер кога влегувале во ОН! Администрацијата на ОН, пак, најдобро ги знае, зашто на нив е заснована, на нив се повикува и нив ги брани, ама Тукидит! Ние, без правна основа, како Одисеј сме осудени на талкање на патот кон НАТО и ЕУ, ама тој си го најде патот до Атика со помош на правичните богови, а ние, во отсуство на право, правда и етика кај политичките богови, треба да се преправиме во други за да поминеме крај Полифем! Треба да прифатиме ново име, преку уставни промени, по консултативен „референдум“ (post festum), што е далеку од облик на непосредна демократија, зошто е киднапиран од носителите на претставничката, чија кочница и противтежа, наместо нивен инструмент, треба да е! O, tempora, o mores!