Воведувањето законска можност за користење посебни уреди и средства за следење на комуникациите е најсензитивното прашање во новите законски решенија, кое дава најголема можност за злоупотреба. Се работи за уреди што можат да се користат самостојно и за кои не е потребна соработка од операторите или од ОТА (во вид на подвижни уреди за следење комуникации т.н. „жолти комбиња“ и софтверски решенија како „финфишер“), кои носат и најголем ризик од прислушување
Реформата на системот за следење на комуникациите е само еден дел од реформата на безбедносниот сектор што беше најавена од Владата. Потребно е што поскоро најтранспарентно да се продолжат потребните дискусии и дебати и да се направат анализа и синтеза за можните модели за реформа на службите (пред сѐ на УБК) и консолидација на целокупниот безбедносен систем.
На кој начин ќе се спроведат реформите на системот за следење на комуникациите и каде, според стручната јавност е најголемиот ризик за нелегалното прислушување е прашањето, кое силно ја сензибилизира домашната јавност. Токму затоа изминатиов период и голем број експерти и аналитичари јавно дискутираа околу овие случувања што ја засегаат македонската национална безбедност.
Да потсетиме, во согласност со постојниот Закон за следење на комуникациите, овластени органи за примена на ваквата мерка се Министерството за внатрешни работи (и во рамките на истото тоа – УБК), потоа Министерство за одбрана, Финансиската полиција, како и Царинската управа.
Со претстојните измени, ниеден од овластените органи нема да има ваков директен пристап до содржината на комуникациите. Тој ќе биде овозможен само преку планираната за формирање оперативно-техничка агенција (ОТА), како технички центар што ќе треба допрва да се формира.
Магдалена Лембовска, истражувачката за безбедносни прашања на „Аналитика тинк-тенк“, објаснува дека ОТА ја има улогата на посредник меѓу операторите и овластените органи. Од друга страна, овластените органи (меѓу кои и УБК) нема да можат да ја применат мерката самостојно, туку потребно е ОТА технички да им го овозможи тоа.
Но според Лембовска, еден друг момент во контекст на пакетот на законски решенија за реформа на системот за следење на комуникациите треба да се издвои како исклучително значаен.
– Имено, тоа е воведувањето законска можност за користење посебни уреди и средства за следење на комуникациите. Односно, се работи за уреди што можат да се користат самостојно и за кои не е потребна соработка од операторите или од ОТА (во вид на подвижни уреди за следење комуникации, популарно наречени „жолти комбиња“ и софтверски решенија како „финфишер“), кои го носат и најголемиот ризик од нелегално следење на комуникациите – истакнува таа.
Во истиот контекст, низа прашања се наметнаа во јавноста, а останаа неодговорени. Имено, кои безбедносно разузнавачки служби биле корисници на ваквите преносливи системи за прислушување (жолти комбиња) на територијата на нашата држава и дали нашата УБК имала вакви средства во минатото и дали тие биле користени? Во обата случаја се работи за нелегално користење на преносливите системи за прислушување. Затоа, вистински предизвик е начинот на кој ќе се легализираат ваквите леснопреносливи, а моќни системи за прислушување, а наедно за нив да се обезбеди надзор и контрола над нивната употреба.
Во врска со ова, безбедносната експертка Лембовска истакнува дека воведувањето законска можност за користење посебни уреди и средства за следење на комуникациите е најсензитивното прашање во новите законски решенија. Тоа подразбира и најголема можност да направи проблем, односно да се злоупотреби, затоа што има низа недоречености.
– Проблематично е тоа што нацрт-законот за следење на комуникациите само најавува можност за користење вакви посебни уреди и средства од страна на УБК и Министерството за одбрана, но најавува дека истото тоа ќе се регулира со посебен закон. Со тоа, од една страна начелно се легализира нивната употреба, но од друга страна не се регулира и не постојат надзорни и контролни механизми за овие мерки – резимира таа. А.С.
(Продолжува: Министерството за одбрана ќе може да прислушува во поширок опсег)