Наспроти увереноста на премиерот дека земјата станала „гордост европска“, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека сега е време кога треба да покажеме и да докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина
Под мотото „Боите на независноста“, со максимално редуцирано споменување на името на државата, државниот врв, Владата и претседателот Стево Пендаровски ја одбележаа 28-та годишнина од референдумот за независност на Македонија. На официјалната прослава во скопскиот Градски парк, премиерот Заев повика на обединување во име на европската иднина на земјата, нагласувајќи дека државата, веројатно, го фатила последниот воз за стабилна иднина, па побара поддршка за реформи. Тој испрати повик и до опозицијата, обраќајќи им се на граѓаните.
– Се дигнавте против делбите, кавгите и против теснопартиските интереси и јасно ни порачавте и нам и на денешната опозиција дека е време за да го фатиме вистинскиот, правиот пат. Затоа, особено заради одговорноста кон граѓаните, цврсто останувам на мојата заложба да ги повикам сите, вклучувајќи ја и опозицијата, за важните прашања, да ни се придружат – порача премиерот Заев.
Во говорот, премиерот се осврна и на Преспанскиот договор, со кој, како што рече, се зајакна и загарантира македонскиот идентитет. Земјата ја оцени како „гордост европска“ бидејќи била пример како се решаваат спорови со соседите.
– Јас сум убеден и знам дека заедно со граѓаните остваривме добар, достоинствен договор што го потврди нашиот идентитет и ја гарантира нашата иднина. Имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Македонци, како дома така и во странство – порача Заев.
Наспроти увереноста на премиерот дека земјата станала „гордост европска“, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека сега е време кога треба да покажеме и докажеме со дела и работа колкава е љубовта кон нашата татковина.
– Овие турбулентни времиња, кога се оспоруваат македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација ѝ беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. Оваа генерација гледа како се гребат шахти и се преименуваат улици и објекти. Оваа генерација се соочува со обидот да се брише и заборави дел од историјата. Се најавува ревизија на учебниците и промена на обележјата. Наместо да се чуваат идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со сѐ што е свето. Македонија е економски опустошена земја, во која владее криминалот, а не правото – стои во честитката на ВМРО-ДПМНЕ до македонските граѓани по повод 8 Септември.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, по повод 8 Септември, Денот на независноста, исто така упати честитка до граѓаните. Во неа наведува дека во 1991-та, во неизвесно време, се обединивме околу идејата за своја, независна држава.
– Тогаш, големиот предизвик, наместо причина за поделби, стана повод за обединување. сите се собравме околу идејата за независна и суверена Македонија – порача шефот на државата.
На владината прослава во Градскиот парк, присуствуваше и евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар, кој на прашањето, како гледа Европската Унија на последните политички случувања и што очекува од земјата во пресрет и на одлуката за добивање датум за преговори, одговори со оптимистички став.
– Очекуваме институциите да функционираат, очекуваме Обвинителството да го следи случајот и да го реши. Тоа го очекуваме. И веруваме дека тоа ќе се случи и дека ќе се врати довербата на граѓаните во судството – порача амбасадорот Жбогар.
Честитка по повод македонскиот Ден на независноста упати и државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изразувајќи радост што ќе нѐ пречекаат како 30-ти сојузник во НАТО.
– Вашата постојана посветеност на принципите на демократијата и владеењето на законите, придонесуваат не само за иднината на Северна Македонија, туку и за мирот и безбедноста во регионот.
Се радуваме што ќе ве пречекаме како наш 30-ти сојузник во НАТО – се наведува во честитката од државниот секретар на САД Мајк Помпео.