Полициските билтени, покрај пожарите што периодов зачестија, речиси секојдневно бележат и нови бројки за случени сообраќајни несреќи во Скопје. Во средата на подрачјето на Секторот за внатрешни работи во Скопје се случиле вкупно четири сообраќајни незгоди од кои во една несреќа имало едно лице со телесни повреди, додека во три од несреќите имало само материјална штета. Во средата полицијата издала 84 мандатни платни налози и 75 возила биле подигнати со специјално возило пајак. Дури 29 возачи биле казнети поради користење мобилен телефон при управување со моторно возило.
Од преземените мерки и активности, вработените од СВР-Скопје констатирале дека 54 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај биле исклучени 17 возачи, од кои тројца затоа што управувале возило под дејство на алкохол. Дури 13 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување моторно возило, што е исто така честа појава, а еден возач бил исклучен од сообраќај затоа што бил возач почетник.
Исклучени од сообраќај биле и девет возила, затоа што не биле регистрирани. Полицијата санкционирала тројца возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, двајца поради недавање првенство на минување на пешаци. Еден возач бил казнет поради неправилно престројување, еден поради неправилно престигнување, девет возачи поради неносење сигурносен појас при управување моторно возило. Во полициските белешки од средата стои и дека е санкциониран еден пешак поради поминување улица на црвено светло.