Најмногу раселени надвор од Сирија има во Турција и во Либан, а во Европа најмногу има во Германија и во Шведска
По седум години војна и насилства, раселени се околу 13 милиони Сиријци, проценува истражувачкиот центар „Пју“. Пропорционално гледано, шест од десет Сиријци се раселени. Ниедна нација во изминатите неколку децении не се соочила со толкав голем процент на раселено население.
Само во Сирија се наоѓаат повеќе од шест милиони внатрешно населени лица, што претставува речиси половина од вкупниот број (49 отсто). Овој број не се менуваше многу во последните неколку години. Според процените на Центарот за мониторинг на внатрешно раселените лица, стотици илјади внатрешно раселени се вратија во домовите, но истовремено се појави бројка на новораселени лица, па така само во првата половина на 2017 година таа изнесуваше околу 700.000 лица.
Најмногу раселени Сиријци надвор од државата се наоѓаат во околните блискоисточни држави. Убедливо најмногу има во Турција, односно 3,4 милиони бегалци, во Либан има околу еден милион, а во Јордан околу 660.000 бегалци.
Во Европа, најмногу Сиријци има во Германија (околу 530.000), во Шведска има 110.000, а во Австрија има 50.000 бегалци.
Во Канада се наоѓаат 54.000 раселени Сиријци, додека во САД има околу 33.000 бегалци.