Франција и Германија неодамна потпишаа историски пријателски договор во Ахен. Среде брегзит и подемот на популизмот и на евроскептицизмот, двете држави се согласија да излегуваат со заеднички ставови за клучните европски прашања, продлабочената економска интеграција и за зголемување на одбранбената соработка.
Двете земји сакаат да ги нагласат централните позиции во срцето на европскиот проект, кој се наоѓа под невиден притисок.
Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека целта на договорот е „германско-француска економска област со заеднички правила“ и „заедничка воена култура која би можела да придонесе за формирањето на европската армија“. Вториот аргумент на Меркел со години важеше за контроверзен и веднаш ги разгневи националистите и евроскептиците во двете држави и надвор од нив. Некои го нарекоа договорот симболичен и неважен, додека други ги обвинија двете влади дека се откажале од националниот суверенитет.
Со оглед на тоа што многумина сметаат дека договорот од Ахен е чекор поблиску до формирање европска армија, дали европските гласачи навистина го поддржуваат ваквиот концепт? Една анкета на „Евробарометар“ покажува дека 74 отсто од испитаниците во Холандија и Белгија поддржуваат европска армија. Во Франција и во Германија поддршката е 65, односно 55 отсто. Во други неутрални држави од ЕУ поддршката е 45 отсто во Австрија, 46 отсто во Ирска, 42 отсто во Финска, 55 отсто во Малта и само 40 отсто во Шведска.