Колку пари имате со вас во моментот? Одговорот на ова прашање веројатно ќе зависи не само од тоа колку ви е полна сметката во банка, туку и од земјата во која живеете. Како што покажуваат податоците на извештајот „Преглед на пристапот до готовина“, постојат значителни разлики кога станува збор за употребата на пари во Европа. Така, во Грција и во Шпанија, најмногу од директните плаќања се вршат со готовина – 88 и 87 отсто. Од друга страна, во Шведска, Данска и во Британија, најмногу од плаќањата се електронски.
Во извештајот, кој главно се фокусира на Британија, се вели дека иако релативно мал број луѓе користат готовина во секојдневниот живот, сепак над осум милиони лица (околу 17 отсто од населението) би се мачеле да преживеат во едно безготовинско општество, а најпогодени би биле најсиромашните, рурални слоеви, кај кои дигиталните плаќања се многу помалку застапени.