Целта е остварена. Момците одиграа одличен турнир. Борбено и техничко-тактички одлично се одиграни сите три натпревари. Времето до ЕП дивизијата Б е кратко, па затоа продолжуваме со формирањето на селекцијата што ќе се бори за место во јуниорската ракометна елита, изјави Брестовац
Македонската машка кадетска репрезентација со две победи и едно реми го освои првото место на Балканскиот шампионат што изминативе три дена се играше во бугарскиот град Гоце Делчев. На втората позиција заврши селекцијата на Романија, на третото Бугарија, а екипата на Пирин на четвртото место.
Во првиот дуел на турнирот, избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа нерешено со домаќинот Бугарија, 25-25, а потоа забележаа две победи над врсниците од Романија, со 26-22, и над екипата на Пирин, со 35-27, која го пополни местото на селекцијата на Косово, која во последен момент го откажала настапот на турнирот.
– Целта е остварена. Момците одиграа одличен турнир. Борбено и техничко-тактички одлично се одиграни сите три натпревари. Времето до Европското првенство од дивизијата Б е кратко, па затоа продолжуваме понатаму со формирањето на селекцијата што ќе се бори за место во јуниорската ракометна елита – изјави Брестовац.
Македонскиот репрезентативец од редовите на Вардар, Давид Ставревски, го освои признанието најкорисен (МВП) играч на турнирот.