Пред македонските кадетски ракометни репрезентативци се двата клучни натпревари од кои ќе зависи нивната позиционираност на табелата во групата Ц, како и нивниот пласман во осминафиналната фаза на Светското првенство за ракометари до 19 години, кое се игра во Скопје. Досега Македонија одигра три меча, во кои беа забележани две победи, над Нигерија (37-34) и Бахреин (27-25), и еден пораз, од Аргентина (20-23).

Во пресрет на синоќешниот меч, во кој противник на Македонија ѝ беше фаворизираната селекција на Данска, која во досегашниот тек од натпреварувањето има максимален ефект од три победи (Јапонија 30-23, Аргентина 29-19 и Нигерија 35-22), селекторот Данило Брестовац направи измена во составот на репрезентацијата, така што на местото на централниот бек Бобан Каковски влезе Глигор Гајиќ.

Денеска на програмата на Мундијалот е последното, 5. коло од групната фаза, во кое противник на Македонија ќе ѝ биде селекцијата на Јапонија. Јапонците во досегашните три меча (не вклучувајќи го синоќешниот со Нигерија) забележаа две победи (Бахреин 27-24 и Аргентина 29-26) и еден пораз (од Данска 30-23) и ја имаа третата позиција на табелата. 


Португалија најпријатно изненадување

Иако не ги помина квалификациите за пласман на СП и на Мундијалот се приклучи во последен момент, со вајлд-карта, по откажувањето на Нов Зеланд и Океанија, селекцијата на Португалија е најпријатното изненадување во досегашниот тек од првенството. Во четирите одиграни кола во групата Д тие имаат максимален ефект од четири победи над Германија (33-26), Србија (22-21), Исланд (28-24) и над Тунис (30-24).
Најизедначено е во групата Б, каде што Шведска, Унгарија, Франција и Египет имаат по три победи и еден пораз и си имаат обезбедено пласман во осминафиналната фаза. Во групата А, во која синоќа се играа мечевите од 4. коло, селекцијата на Хрватска е лидер, со три победи во три меча. Хрватите синоќа играа дерби-дуел со селекцијата на Словенија.