Во познатото „Неолитско село“ на локалитетот Тумба Маџари не се продаваат ни сувенири, ни влезници иако пред 11 години е изградена куќа и за таа намена
Комплексот „Неолитско село“, кој како музеј под отворено небо од 2008 година постои во рамките на познатиот археолошки локалитет Тумба Маџари во Скопје, деновиве e исполнет со зеленило. При нашата едночасовна, претпладневна негова посета во скопската населба Ченто, тишината ја нарушуваше детски џагор од соседното, „СОС-детско село“ – Македонија, но и кукуригањето на петлите од околните куќи што на древниот историски амбиент му даваа симпатична, дневна димензија. Локалитетот се истражува од 1978 година и со, во голема мера, реконструираното село подигнато 30 години подоцна, во јавноста се познати пред сѐ по керамичката претстава на антропоморфниот жртвеник Големата мајка, која тука првпат меѓу неолитските населби во Македонија е откриена во целост.
„Жената како родилка и мајка, во неолитот била идентификувана со култот на плодноста Големата мајка – божица, на што укажуваат претставите на керамичките антропоморфни жртвеници во Анзабегово – вршничката културна група“, стои меѓу другото во малиот леток, кој лани беше дел од јубилејната изложба во Археолошкиот музеј во Скопје, каде што мошне впечатливо беше презентирана хронологијата на истражувањата на Тумба Маџари.
Но таков примерок на леток, и воопшто пишани, и друг вид репрезентативни материјали не можат да се купат во овој музеј на отворено, а што исто така зачудува, ниту пак керамички сувенир од Големата мајка. Нема сувенирница каде што би можело да се продаваат и билети, иако уште во почетокот на градењето на куќите од измешана земја, слама и глина, покриени со трска за таа намена е подигната една од нив. Тука редовно се организираат училишни посети, но и различни културни манифестации, но важно е да се укаже дека по патот што води до неолитското село нема информативни табли со податоци за него. Единствено поставената керамичка скулптура на Големата мајка во голема димензија во близината, на столб во малиот парк пред Домот на културата, укажува дека тука постои нешто поврзано со археологија. Но и таа е без потребните податоци, па сигурно многумина од оние што секојдневно ја гледаат се чудат што претставува.
– Интензитетот на внимание и поддршка на локалитетот Тумба Маџари не е ниту намален ниту зголемен во изминативе години, но само во однос на висината на буџетот, кој се добива од Министерството за култура, постои голема разлика. Првите години кога се градеа куќите во селото, средствата нормално беа големи, а сега кога е потребно нивно континуирано одржување, добиваме неспоредливо помали средства. Селото нема 24-часовно обезбедување, а дневната чуварска служба од привремен карактер, во изминативе две години ја покрива Археолошкиот музеј со средства од проектот за неговата годишна работа, кои доаѓаат од Министерството за култура. Тие се доволни за реновирања на куќите, за сервисирање на опремата со што се одржува просторот и во музејот под отворено небо и на археолошкиот локалитет, кој е одвоен со ограда и каде што сѐ уште може да се истражува – посочи археологот, кустос-советничка, Елена Стојанова Канзурова од Археолошкиот музеј.
Таа напомена дека многу ентузијазам сиве овие години се вложува и надвор од платените обврски за локалитетот да опстои и да привлекува туристи, но дека поддршката треба да биде поголема. Потсети дека најголемиот дел од Тумба Маџари засекогаш е уништен во 1950-1960-тите години кога соседните куќи се подигнати на централниот дел од тумбата. Мал дел од него е заштитен од страна на државата и како имоти, заедно со неолитското село, му припаѓаат на Музејот на Македонија, но финансиски се поддржани од, во меѓувреме отворениот Археолошки музеј. Годинава тука нема да има археолошки истражувања, а планирано е да продолжи процесот на ставање на локалитетот под посебен степен на заштита како културно наследство.
– Споменатиот проблем со недостиг од сувенирница говори дека треба што поскоро надлежните музеи, градот Скопје, општината Гази Баба и Министерството за култура да ги решат постојните организациско-кадровски проблеми за и тој сегмент да функционира, а продажбата на сувенири да му носи и приходи на локалитетот – вели кустос-советничката.
Таа најави дека претстои и средување на документацијата на материјалот од старите истражувања во музејското депо, работа на монографија за локалитетот, а неговите ископувања планира да ги продолжи во партнерство со меѓународни институции, со вклучување интердисциплинарни истражувачи: археозоолози, палеоботаничари за да се добијат одговори за животот на луѓето во младото камено време.
– Трската на покривите од куќите е променета лани со примена на различна техника во поврзувањето на сноповите за тие подолго да траат. И фасадите одвреме-навреме се реновираат, особено по големи дождови и ветришта. При поврзувањето на гредите е користена жица, наместо врзиво од јажиња, што говори дека не станува збор за верна реконструкција на некогашните куќи, туку за обид што подобро да се долови сликата за неолитската култура, архитектурата, животот од шестиот милениум пред новата ера. Во широкиот двор се поставени трмки за чување пчели добиени со донација, кои потекнуваат од почетокот на 20 век. Одредени сознанија на шпански археолози укажуваат дека и во тој дел од светот таквите предмети ја имале истата, конусна форма, но за разлика од овде, таму трмките во горниот дел биле отворени – вели Стојанова-Канзурова.
Годинава се собрани средства за финализирање на училницата сместена во една од четирите куќи каде што е планирано што поскоро да биде прикажуван и документарен филм, снимен во 2002 г. во кој говори археологот Воислав Санев, првиот истражувач на Тумба Маџари. Филмот ќе биде титлуван на англиски јазик и ќе нуди голем број информации. Во училницата има постери, информативни табли на македонски и на англиски јазик за овој локалитет и воопшто за неолитот во Македонија. Во широкиот двор, пак, во кој може да се седи, а каде и се одржуваат и различни културни манифестации посветени на Големата мајка има изложено и симпатични копии на домашни животни. Приказната за откривањето и за одвивањето на животот на неолитските жители, претставени со симпатични гипсени фигури, со коси од коноп, поставени во секојдневни ситуации во куќите е дополнета и со информативните табли полни со фотографии од досегашните истражувања и од различните наоди.
– Постојат иницијативи од странство овде да заживее летна археолошка школа по успешниот таков пример од локалитетот Стоби, но потребно е да се создадат услови за престој и работа на учесниците. Мислам дека таква школа би функционирала и тука – рече Стојанова-Канзурова.
При обиколката таа ни откри различни детали од посетите на децата и учениците. На пример, дека на гипсените фигури им прават фризури, дека честопати не можат да разберат дека се во музеј и мислат дека се во игротека и бараат тука да им се организираат родендени. Вниманието, меѓу другото, ни го привлече и влезот на една од куќите во облик на буквата М, впечатлив детаљ од познатите жртвеници во форма на Големата мајка, реализиран од страна на поранешниот, сега покоен археолог, долгогодишниот истражувач на локалитетот, Драгиша Здравковски.
Во куќите се презентирани податоци за архитектурата, грнчарството, за култните предмети, религијата, за приготвување на храната, но и за фризурите, за облеката, накитот во неолитот. Кустос-советничката со задоволство ни покажа и една керамичка копија со многу вешта плетка на женска фризура за која долго време се мислело дека претставува некој облик на шнола (укосница). Изложен е и накит од речни школки од овој простор, но и од школки што доаѓаат од морињата што, нагласи таа, е потврда дека имало комуникација меѓу заедниците во неолитот.
– Уметничката интерпретација на култот на жената и мајката во неолитот е само во овој простор. Таквите претстави на жена доминираат во скопскиот регион, во Тумба Маџари, Мршевци, Говрлево, ги има и во Овчеполието, но не во форма како овде. Ги има и во Пелагонија, таму на жртвениците повеќе е прикажан долниот дел од куќата, а помалку жената, но пак ги нема во околината, во Србија, Бугарија, Косово. Нашата држава мора да ја заштити претставата на Големата мајка, како културен бренд. Таа треба да се заштити и од страна на УНЕСКО, и по неа сме препознатливи во светот – рече Стојанова-Канзурова.
Чуварот Тони Митревски, пак, посочи дека во ова неолитско село доаѓаат посетители и по повеќепати, да го видат и во лето, но и во зима.
– Во лето е убаво, но во зима уште поубаво. Има снег, патеки меѓу куќичките, а ноќе е многу убаво осветлено – вели Митревски, кој самиот направил и мала скулптура од Големата мајка од непечена глина и ја ставил во училницата. Посветен е на овој музеј на отворено веќе 11 години, но сѐ уште не е во редовен работен однос.