(Збирка новинарски текстови на Киро Кипроски за Бигорски манастир)
Импозантен е бројот на записи што Кипроски ги посветил на Бигорски манастир, но и за внатресветовниот, духовен, наспроти надворешно-социјалниот простор на целиот дебарско-рекански регион. Меѓу највдахновените репортажи е онаа за манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ (од 1835г.) во селото Рајчица, во којшто, благодарение на архимандритот Партениј, е обновено монашкото сестринство. Како и кај „Св. Јован Бигорски“, и тука природата е голем сојузник за возвишената енергија што ја зрачи манастирот што е зографисан од Михаил и син му, јеромонахот Даниил, а досликан од нивниот ученик Дичо од Тресонче. И во овој манастир, како и во Бигорски, е впечатливо исклучителното креативно содејствие меѓу зографите и резбарите. Кипроски нѐ воведува во топлата, сочувствителна атмосфера на манастирот, кон големата љубов на сестрите кон цвеќињата, пчелите, кон исцелителниот вкус на ликерот од манастирски тревки, кон филигранската изработка на митри, таму каде што, како во манастирот „Свети Јован Бигорски“ духовната, природната и човечка убавина заемно се преплетуваат. Особена добрина и нежност на репортажата ѝ даваат сугестивните разговори-исповеди со сестрите Варвара и Анастасија и нивниот пат од световниот живот кон предадената служба во слава на господ.
Кипроски го следи и исклучителниот подвиг на ктиторот, битушанец Спасен Никодиновски, кој во месноста Покладиште, на височина од 1.200 метри ја гради црквата „Свети Спас“. И радоста на народот пред новоизграденото здание на светилиштето: „А таму, низ змиулестите угорнини на Крчин, врвици од деца, млади и повозрасни луѓе од долгореканските села Битуше, Велебрдо, Требиште, Ростуше, како и од Гостивар, Скопје и од други места. Сите брзаа да пристигнат навреме и да присуствуваат на чинот на осветувањето на црквата“. Исполнетоста на глетката може лесно да се долови преку описот на Кипроски, во којшто неговите зборови пластично ни ја пренесуваат народната сплотеност.
Поттикнати од ретката убавина на манастирскиот комплекс Бигорски, многубројни се посетите од многуте верници, но и вљубеници од странство, со што, пишува Кипроски, се отвора благородната можност за своевиден „верски туризам“ и за лечебната душевна енергија што светилиштето им ја дарува на своите посетители.
Опишувајќи, сведочејќи, инспирирајќи се од убавината и важноста на Бигорски манастир, авторот на оваа возбудлива збирка текстови, Киро Кипроски, посветено ги вложува својот висок новинарски усет и длабоката проживеаност со манастирот „Свети Јован Бигорски“, за да создаде вредна книга за почитта, убавината, истрајноста и ведрината што се вткаени во ова непроценливо македонско христијанско светилиште.