Пишува: Проф. д-р
Георги М. Димировски

Во изминатата деценија, светот се изненади и сѐ повеќе и повеќе се фасцинира од сериозниот напредок на НР Кина во сите сфери, особено во науката и во технологијата. Сфаќањето на овој процес изгледа мошне сложено, чии корени верувам дека произлегле од старите учења на Конфуциј. Како што Сократ се смета за татко на филозофија, мудроста и остроумноста на Западот, така Конфуциј е татко на филозофијата, мудроста и остроумноста на Истокот. Иако овие две насоки во филозофското учење носат значителни разлики, сепак се забележуваат одредена поврзаност и допирни точки меѓу нив. Од друга страна, историските улоги на двете кинески револуции во текот на 20 век не можат да се занемарат, а уште помалку и револуцијата од 1945-1949 г., затоа што тие го отворија патот на она во што Кина прерасна во 21 век. Во последните две-три децении станува очигледно дека образованието, науката и технологијата всушност играат главна улога во општествениот процес на целосната ренесанса на Кина. Освен тоа, револуција во образованието, науката и технологијата во голема мера се заснова на креативни информации, така што оваа година Кина стана водечка земја во светот во производството и услугите во сферата на вештачката интелигенција. Оваа студија содржи лични перцепции, заклучоци и погледи, кои созреваа во текот на дваесетте години од мојата континуирана и блиска академска соработка со неколку кинески колеги. Се користеа стандардни универзитетски публикации. Овој труд се фокусира на суштинските прашања за кинескиот пристап кон подобрувањето и проширување на високото образование, научното и технолошкото истражување, како и за општиот развој на културата и економијата на земјата. Целосно ја преземам одговорноста за изразените ставови.

Во 1988 година една група нобеловци во Париз излегоа со заедничка изјава во која соопштија дека „ако човекот сака да преживее во 21 век, тој мора да се наврати 2.500 години во минатото на учењата на Конфуциј (551-479 пр. н.е.), основачот на познатата кинеска филозофска школа за таоизмот“. Тој бил голем мислител чие учење пропагира трајни безвременски вредности, кои важат во сите делови од светот, па и во универзумот. Слично на Сократ, Конфуциј не остави никакви пишани дела. Сепак, неговите најдобри и најблиски 72 ученици ги собрале неговите мудрости во познатата книга „Аналекти“. Во таа мала книга за сегашни стандарди се собрани идеи и морални принципи за семејството, сиромаштијата и богатството, природата и животната средина, насилството, војните, културното однесување, високата уметност, музиката, верската толеранција, размената на ритуали, управување и правда, како и точно историско толкување на минатото. Пред сè, за Конфуциј најважен бил моралот. Накратко кажано, тој бил исклучителен филозоф, мислител, учител и општествено-политичка фигура во ерата на првата Кинеска Империја позната и како источната династија Џоу (771-256 г. пр. н.е.) на која ѝ претходи традиција од над 3.500 години. Покрај тоа, поголемиот дел од неговите мудрости за тоа како да се воведе организација на добро управување како поддршка на императорот и неговиот најтесен круг на команданти во војската и во морнарицата, како и владините министри во голема мера се почитуваа до ерата на династијата Минг кога се отфрли монголската власт и се издигна Кинеската Империја.

Со вакво предзнаење, концептуализацијата на оваа студија, која, како во поезијата на Пабло Неруда, не може да се замисли без успесите на Кинеската револуција од 1912 година, како и формирањето на Народна Република Кина во 1949 година, по војната против Јапонија, која траеше повеќе од 10 години, како и Втората кинеска револуција. Така, за да се сфати целокупниот кинески пристап во ерата на глобализацијата, не само иницијативата и стратегијата „Појас и пат“, потребно е значително познавање од континуираната борба во рамките на човечката историја меѓу „големите сили“ во дадени периоди за економска доминација и интелектуална надмоќ. Верувам дека познавањето и објаснувањето за невидениот напредок на кинеската економија заедно со неверојатниот напредок во образованието, науката и технологијата не може лесно да се сфати, па и анализира, без да се има увид во поширокиот спектар на општествени промени во НР Кина. Токму ова се следи во оваа скромна, но научно заснована и истражувачка дискусија.

Навистина имав среќа во 1996 година одблиску да ги следам промените во кинеското општество и во високото образование, поради мојата отвореност за меѓународна академска соработка и напори за прифаќање колеги или студенти што барале моја соработка, како и желбата да го проширам мојот меѓународен круг на соработници. Овој процес се прошири значително откако д-р Јуанвеј Џинг од североисточниот универзитет „Шенјанг“ го заврши постдокторскиот проект на Факултетот за електротехника и информациски технологии при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, под мое менторство во 1996 година.

Исто така, ме фасцинира колку кинеската поморска технологија била супериорна во времето на седмата династија Минг (1368-1644 г.), која претставуваше едно од многуте постигнувања во тогашната кинеска ренесанса. Сепак, наследникот на императорот Џу Ди на крајот донесе катастрофална одлука со тоа што му нареди на адмиралот Џен Хе да се врати во татковината и објави декрет со кој се забрануваат понатамошни експедиции во „варварскиот“ свет. Според царските архиви, тој заклучил дека не постои друга или посупериорна култура од кинеската, откако му биле доставени извештаи во периодот кога Европа се борела да излезе од мрачниот среден век. Историјата покажа дека таа ера по експедициите на императорската флота го одбележа постепеното пропаѓање на Кинеската Империја. Сепак ова прашање треба да им го препуштиме на историчарите, а тука поважна е кинеската ренесанса во образованието, науката и во инженерството.

Поради оваа причина би сакал да нагласам дека кинеските власти истовремено воведоа мрежа на владини, провинциски и регионални агенции за финансирање според строго прецизни критериуми и правила, но и креираа разни иницијативи за кинеските научници и интелектуалци што биле на дообразување во странство, да се вратат назад во нивната татковина и практично да го применат стекнатото. На овој начин многумина од нив секојдневно ги користат нивното образование, вештини и способности во кинеското општество. Паралелно на ова, целосно беше развиена мрежата за мобилност, а исто така за сите универзитети (и истражувачки институти) во целата држава беа достапни и богати инвестиции за кои можеше да се конкурира и покрај строгата селекција. Докажаните постигнувања во сите аспекти на иновација во науката, примената или во развојот на технологијата беа воведени како главен задолжителен услов за добивање финансиска поддршка на сите нивоа. Заедно со овие мерки, беа доделувани и високи награди за поединци.

Понатаму треба да го нагласам првиот од деветте најважни фигури во системските и кибернетските науки. Неколку истакнати научници во оваа сфера ги поставија темелите на современата „парадигма Ц3“ – кибернетика, компјутерско инженерство и комуникации. Лично верувам дека оваа парадигма е токму тоа што кинеското лидерство го усвои, но и деловните и академските заедници и со неа беа поставени темелите на втората најсилна економија во светот, која уште ја нарекуваат и кинеско чудо.

Според моето скромно мислење, треба да се запрашаме како кинеската наука и технологија успеа да постигне толку многу само во изминатите неколку децении? Сметам дека еден важен дел од одговорот се наоѓа во фактот што кинеските научници беа меѓу првите што ги поврзаа и ги обединија водечките постигнувања на гигантите во системските и кибернетските науки и продолжија да ја воведуваат претходно споменатата прагматика во современата економија преку важните технолошки напредоци. Поради ова, Кинезите веќе некое време се движат кон нивната четврта индустриска револуција. Сепак, многу е тешко да се даде увид во прашањето, затоа што треба да се разгледаат пошироки општествени прашања за НР Кина. Но треба да се истакне дека токму младиот д-р Хсуе-Сен Цен ја објави првата книга за инженерска кибернетика и наедно е автор на името. Книгата беше објавена пред д-р Хсуе-Сен Цен да се врати назад во татковината и да добие една од водечките улоги во градењето и развивањето на кинеските капацитети за наука и истражување во разни сфери од науките важни еднакво за инженерството и технологијата.

Посебно сметам дека сеопфатните учења на Конфуциј (551-479 г. пр. н.е.) се највредни и безвременски без разлика на династијата. Тука би сакал да се осврнам на две важни пораки од неговите мудрости, а тие се дека „учењето без размислување е напразно потрошен труд. Опасно е размислувањето без образование“ и „еден ум не е доволен за да се направи вистинскиот чекор“.

Претходно споменатиот процес на темелни промени во сферата на високото образование и науката и развојот на НР Кина, дури и на мое лично големо изненадување, беше речиси целосно постигнат во академската 2008-2009 година. Оттогаш, Кина секојдневно остварува брзи напредни постигнувања во сите сфери на човечкото дејствување и не само во образованието и науката. Морам да признаам дека дискусијата во овој труд вклучува лични ставови врз основа на моите силни верувања во третата основна категорија, а тоа е информацијата заедно со енергијата и материјата, која одигра одлучувачка улога во целата историја на човештвото и на планетата Земја. Покрај информациските системи и кибернетските науки, доказите за моите верување се базираат на епохалните откритија во физика на вселената во 20 век и на учењата за класичната кинеска филозофија во споредба со оние од западната.

(продолжува)