Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трета награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“

Ермис Лафазановски

„Одиме?“
„Не одиме!“
„Како тоа – не одиме!“
„Јас не излегувам.“
„Ама ти велеше дека ќе излезеш.“
„Се премислив.“
Ете така. Како гром од ведро небо. А цело утро го потрошив во задушување на преголемата возбуда, која ме држи уште од вчеравечер. А ништо не претскажуваше ваков развој на настаните. Таа стана рано, како и јас, испивме утринско кафе, а потоа ги почнавме подготовките: таа да одбира што ќе облече, јас да се бричам и да размислувам која кошула да ја облечам и каква кравата да ставам. Нашите деца, иако возрасни, се чудат кога им велам дека не помина ниту еден ден недела, во мојот живот, да ме најде небричен, недотеран, без бела кошула, без кравата и, се разбира, без шапка. Ах, шапката! Порано мразев шапки, сега е поинаку. Ја гледав како лулее со колковите додека пегла, како одвреме-навреме ја врти главата да види каде се наоѓам и што правам. Јас ја прашувам кои чевли да ги обујам, а таа негодува, вели божем е важно со кои чевли ќе излезеш. Имаш право, важно е да се излезе! Таа не се подготвува којзнае како: секојдневен фустан долг до земја, да не ѝ наѕираат проширените вени, старите чевли со кои оди во „Тинекс“, лесни платнени чевли…

И сега наеднаш, вели, не одам! Да ти се плукнам во табиетот! Почекав да помине малку време да се премисли. Ништо. Веќе неколку дена, самопрогласувајќи се за експерт во вакви работи, ја убедував во значењето да се излезе, затоа што денешниот ден е многу важен за нашата иднина, односно за иднината на нашите деца и на нашите внуци. Сакав да ѝ покажам дека ние мажите знаеме што правиме. На тоа што го велев таа главно не даваше пет пари. …та, дури велеше дека ако стигнала иднината да зависи од овој ден, да ти се плукнам во иднината. Не ѝ реков ништо, затоа што сè си кажавме претходните денови и решив сам да излезам. Да, сам… ако ме прашаат каде е жена ми, ќе речам дека имала некоја работа и дека гласала уште од сабајле.

Да, така е. Ја погледнувам за последен пат и гледам во нејзините очи решителност каква што не бев видел досега. Значи, сепак, решила. Добро. Излегов. Тргнав. Слегов со лифтот долу и излегов пред вратата. Погледнав лево-десно: никаде жива душа. И тогаш ја поправив краватата, ја наместив шапката и тргнав. Училиштето беше на стотина метри оддалеченост од зградата, доволно време да размислам. Морам да признаам дека нејзиното премислување ме фрли во мисли. Та, нели се договоривме? Да не се преиспитала во меѓувреме? И зошто? Точно е дека не им верува на политичарите. Но кој им верува? Па, ако и јас не им верувам, што барам да излезам?

Погледнувам наоколу и забележувам дека, сепак, мали групи луѓе се движат кон училиштето. О хо! Што ми е мерак, нека, нека седи дома! Ќе ѝ биде криво што не ме послушала. Одам со бавен чекор небаре се колебам. Еден комшија ми се насмевнува, со жена си подрака. Мојата подрака е празна. Ах, проклетнице! Две жени понатаму весело си прикажуваат и одлучно одат кон училиштето. Изгледаме како пензионирани првоодделенци. Мене јанѕа ме јаде. Впрочем, јанѕа ме јаде секогаш кога таа прави нешто спротивно од тоа што сум го наумил јас. Иако на крајот излегува по мое. Освен во некои посебни случаи. Треба да се знае кој е глава на семејството. Така ги учеле дедо ми и татко ми, така ме научија и мене. Не смее жена да ти кажува што да правиш. Сам има да одлучиш! И така одлучив да излезам, за првпат без неа. Иако кога ќе размислам малку, можеби има право што не излегува. Таа секогаш има право: и кога ја избиравме бојата на автомобилот, и за бојата на мебелот во станот и кога одиме, и кога се враќаме. Но тоа се ситници. Јас одлучувам за крупни работи. Проклета да биде… е нема да ѝ го правам ќефот…овој пат.

Кога стигнав пред училиштето, влегов во ходникот преполн со луѓе, некои од нив и познати. Сите ме поздравија, а некои прашаа за неа. За неа… постојано за неа… Стигнав пред вратата на која пишуваше гласачко место број тој и тој, каде што гласаа станарите од нашата зграда и жителите од нашата улица. Брцнав во внатрешниот џеб на палтото да го извадам паричникот и оттаму личната карта и тогаш, во тој миг, токму на прагот застанав како скаменет.

Претседателот на изборната комисија ми рече: „Повелете, господине, гласачката кутија ве чека“. Но јас како да добив шлог. Никако да мрднам. Стоев на прагот на училницата и светот небаре ми се сврте во глава. Се заинаетив, го вратив паричникот назад и помислив колку проклета може да биде таа жена. Налево круг. Излегов од училницата, од училиштето и почнав да се враќам назад кон зградата, додека во пресрет ми доаѓаа весели гласачки тела.

Наеднаш во врвулицата луѓе ја здогледувам неа. Доаѓа, ноншалантно рамнодушна, небаре пет пари не дава за ништо и, лека-полека, се движи во насоката на училиштето. Јас обратно, кон дома. Патиштата којзнае по кој пат ни се вкрстија. Стигнавме еден спроти друг. Ја погледнав и таа рече:
„Се премислив.“
„И јас се премислив.“
И секој си тргна по својот пат.