За натпреварот Англија – Тунис, на 18 јуни, билетите се нуделе од 500 до дури 12.000 евра, иако на официјалната интернет-страница на ФИФА тие чинеле малку повеќе од 300 евра
До почетокот на 21. Светско првенство (СП) во фудбал во Русија остануваат уште 57 дена (почнува на 14 јуни). И додека селекторите на репрезентациите-учеснички на финалниот турнир (32) размислуваат кого да стават на завршниот список со 23 фудбалери, измамниците веќе дејствуваат и „прават напори“ како да дојдат до пари од лековерните љубители на фудбалот што сакаат летово да ги гледаат мечевите во Русија.
Полицајците-експерти за ваква проблематика велат дека измамите со влезници за СП во Русија ќе бидат меѓу првите десет измами годинава. Тие истакнуваат дека фудбалските билети од неовластени агенции или се лажни или никогаш нема да пристигнат до нарачателите. Исто така, се очекува дека некои „пакет-патувања“ за Русија ќе бидат понудувани од лажни туристички компании. Затоа советот е да се купуваат билети само од овластени извори (исклучиво ФИФА), а не од компании за кои никогаш не сте слушнале. Деновиве цел на измамниците се британските навивачи, на кои одредени агенции им нуделе билети и 40 пати поскапи од нивната номинална вредност. На тоа веднаш реагираа групациите за правата на потрошувачите, кои ги предупредија навивачите дека купувањето билети од неофицијални и неовластени извори може да ги остави без пари, а наедно да им биде забранет и влез на стадионите.
Некои билети во март беа продавани за околу 6.000 евра. За натпреварот Англија – Тунис, на 18 јуни, билетите се нуделе од 500 до дури 12.000 евра, иако на официјалната интернет-страница на ФИФА чинеле малку повеќе од 300 евра. – Навивачите треба да бидат свесни дека ако купат билет за СП од неофицијален извор, ризикуваат да платат надуени цени, а можно е да не им се дозволи и влез на стадионот. Затоа купувајте билети само преку ФИФА, бидејќи таа организација ги има ексклузивните права за продажба на билетите – изјави Алекс Нил, директорот на агенцијата за заштита на потрошувачи на Англија.
Но некои од агенциите што нудат билети, како „Тикомбо“, велат дека не прекршуваат какво било законодавство: „Ако ФИФА има проблем со навивачите што сакаат да го продадат својот билет на трета страна, таа има проблем не со нас, туку со слободниот пазар. Ние не ја признаваме легитимноста на изнесените обвинувања“, истакнуваат од „Тикомбо“. Портпаролот на ФИФА објасни дека минатите неколку месеци преку Интернет во неколку земји биле понудени билети на продажба, но набргу тоа било запрено. – Презедовме конкретни правни мерки против голем број платформи, истовремено објаснувајќи и советувајќи ги навивачите да не купуваат билети од неовластени извори – велат од ФИФА, додавајќи дека ќе има строги проверки при влезот на стадионите за време на СП и оти на навивачите ќе им биде потребен документ за идентификација, односно легитимација.