Издавачката куќа „Везилка 2011“ ја објави „Главата на Франц Кафка“, трета книга од едицијата „Прашки ракописи“ на писателот Ристо Лазаров. Претходно во оваа едиција беа објавени книгите „Цветаева во Прага“ и „Незгасливите чешки пламени“. Авторот најави уште седум книги во своите „Прашки ракописи“.
Во книгата, која содржи 40 поглавја, еден дел ѝ е посветен на преписката на Кафка со Милена Јесенска, која, според многумина, е меѓу најубавите љубовни преписки во 20 век.
– „Главата на Кафка“ е краток документаристички приказ на животот и делото на Франц Кафка, за кого е речено и запишано дека „Франц Кафка бил Прага и Прага била Франц Кафка“. Така е и сигурно ќе остане така. Патеките на животот на Кафка водат директно во срцето на старата престолнина на вечната река – соопшти „Везилка 2011“.