Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повеќе од 99 проценти од граѓаните имаат финансиска дисциплина и редовно си ги плаќаат обврските, додека помалку од еден процент од луѓето имаат трошоци за извршување

Каква е општествената и државна важност на извршителите, на кој начин тие ја оправдуваат својата професија и на кое ниво е меѓународната соработка меѓу македонската комора и сличните тела од регионот и од светот се некои од темите за кои говори Зоран Димов, претседателот на Комората на извршители на Република Македонија (КРИМ), во интервју за „Нова Македонија“.

Постои ли меѓународна соработка меѓу македонската комора на извршители и сличните тела од регионот и од светот и какви искуства од работата на коморите на другите земји може да се преточат кај нас во Македонија?
Комората на извршители на РМ е членка на Меѓународната унија на извршители со седиште во Париз, како рамноправна членка, уште од 29 ноември 2007 година, а од 2008 година комората е членка и на Евродунавската група во состав на Меѓународната унија. Со коморите од регионот имаме склучено меморандуми за соработка, и тоа со коморите на извршители на Србија, Бугарија, Албанија и на Косово. Се разбира, сите овие соработки се исклучително битни за размена на искуства, со таа цел делегација на комората ќе учествува на интернационалниот конгрес на Меѓународната унија во Бангкок, на кој ќе учествуваат претставници од коморите на извршители од целиот свет.

Дали ранливата категорија граѓани се предмет на извршната постапка и на кој начин е третирана оваа социјална категорија граѓани?
Во согласност со законот, социјалната категорија на граѓаните е изземена од извршување, имено законот таксативно наведува кои примања се надвор од извршувањето и тоа, на пример, примање врз основа на надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување, примање врз основа на права на парична помош од социјална заштита, примање врз основа на привремена невработеност; примање врз основа на додаток на деца, примање врз основа на стипендија, кредит и помош на ученици и студенти и друго. Напоменувам дека комората склучи меморандум за соработка со Министерството за труд и социјална политика во согласност со кој извршителите имаат пристап до корисниците на социјaлна парична помош за да не се блокираат сметките на кои ја примаат помошта.

Какви предмети најмногу доаѓаат кај вас?
Најголемиот број предмети може да се каже дека се предмети за комунални услуги, потоа следуваат предмети во кои доверители се банки за кредити, а должници во најголемиот број се физички лица.

Каква е општествената и државна важност на извршителите и на кој начин тие ја оправдуваат својата професија?
Извршителите се занимаваат со професија со јавно овластување, која е битен сегмент во владеењето на правото. Оваа професија за правото е слична на хирургијата за медицината. Функционирањето на системот на извршување е важно бидејќи се спроведува во практика она што е донесено со судска одлука од страна на судот, па само на ваков начин со реализација на судските одлуки се воспоставува владеењето на правото. Во спротивно, без спроведување на судските одлуки од страна на извршителите пресудите ќе претставуваат празен збор на хартија. Морам да напоменам дека нашата земја во минатото кога извршувањето беше во судот беше цел на критика од Европската Унија бидејќи немавме ефективен систем на извршување. Но по донесувањето на законот во 2006 година, земјата веќе не е цел на критики од ЕУ, а оттогаш па наваму, дополнително може да се каже дека прераснавме и во лидер споредбено со државите од регионот. Со ова се постигна сигурна гаранција за странските инвеститори бидејќи им се гарантира спроведувањето на договорите во РМ благодарение на извршителите. Од друга страна, малкумина знаат дека еснафот и економски и општествено е битен за земјата. Тоа го тврдам така бидејќи извршителите сами по себе вработуваат околу 700 луѓе, кои, пак, користат околу 1.000 службени возила, а дополнително во нашата дејност тие имаат ставено во функција околу 10.000 квадратни метри деловен простор, истите тие плаќаат ДДВ, персонални и други давачки кон државата.

Во јавноста има една перцепција за извршителите како за егзекутори, особено кога станува збор за сликата што ја имаат граѓаните, физичките лица. Дали тоа е така поради трошоците што се додаваат за извршување или, пак, поради недоволната пиар-стратегија на извршителите за запознавање на нивната работа?
Се согласувам дека голем дел од погрешната перцепција е резултат на недоволната пиар-стратегија на извршителите за запознавање на нивната работа, меѓутоа комората во моментот сериозно го разгледува ова прашање за наше реално претставување во иднина.

Колку пари имате наплатено како извршители откога постоите?
Во овие скоро 12 години наше постоење наплатени се приближно 1,2 милијарда евра. Натаму, битно е да се напомене дека според нашите анализи повеќе од 99 проценти од граѓаните имаат финансиска дисциплина и редовно си ги плаќаат обврските, а помалку од еден процент од луѓето имаат трошоци за извршување. Тоа значи дека гледано во 2016 година, која е оценета за година со најмногу предмети, од 15 милиони сметки во земјава, а само 120 илјади сметки стигнале во системот за извршување. Според нашите анализи, произлегува дека само 1 отсто од граѓаните стигнале до извршител и истите тие се во најголем број предмети за комунални долгови.

Дали само извршителите можат да блокираат сметки?
Најверојатно поради неинформираност граѓаните не знаат дека извршителите не се единствените што можат да ги блокираат сметките. Морам да напоменам дека за оваа активност поради неплаќање налог за извршување може да биде издаден и од страна на Управата за јавни приходи (УЈП) и Агенцијата за управување со одземен имот. Дополнително, во овој контекст сакам да напоменам дека сум на мислење дека на голем дел од оние граѓани на Македонија што во овој момент поради различни услови им се блокирани сметките воопшто и не живеат во земјата.

Во кои градови имаат најмногу работа извршителите? Кој е градот со најмногу должници?
Според статистичките податоци на комората за 2017 година во поглед на висината на наплатени средства за доверителите, извршителите од подрачјето на основните судови Скопје 1, Скопје и Скопје 2 каде што има и најмногу наплатено парични средства и тоа во висина од 94,572,089.41 евра, додека, пак, најмалку наплатени парични средства има кај извршителите на подрачјето на основните судови Прилеп и Крушево односно 2,698,467.01 евра.

За колкава сума се предметите во првите пет месеци од годинава и дали има зголемување или намалување во однос на лани истиот период?
Резултатите од првото тримесечје во 2018 година, говорат дека е намален бројот на примени предмети, поточно примени се вкупно 38.722 барања за извршување, а наплатени се приближно 1.700.000.000,00 денари.


За еден месец нападнати тројца извршители

Дали досега се регистрирани напади врз извршители во земјава?
Само во последниот месец беа нападнати тројца извршители во своите канцеларии. Сметам дека граѓаните треба да бидат свесни дека станува збор за лица со јавни овластувања што ги именувала државата. Ние како комора апелиравме неколкупати досега дека од страна на ОЈО и судовите неопходно е во практика кога се процесираат овие случаи да се прифати правна квалификација на делата против извршителите како кривични дела против службени лица според Кривичниот законик, имајќи ја предвид дефиницијата на службено лице.