Концепт-автомобилите често претставуваат поглед кон иднината. Вообичаено се одликуваат со исклучителен надворешен и внатрешен дизајн, со карактеристики што досега не се видени. Некои критичари би рекле дека концепт-автомобилите се пренатрупани со софистициран ентериер и идејни или стилски решенија, како на пример лебдечкиот клуч за автомобилот „лагонда“ на „Астон Мартин“. Концепт-автомобилите вообичаено се откриваат на автомобилски шоуа и ја претставуваат иднината на транспортот. Во тој процес на прикажување скоро секогаш им е одземен здивот на автомобилските ентузијасти, сепак овие автомобили се единствени и уникатни. Автомобилските фирми често прават само еден автомобил од тој дизајн и неговото производство е навистина скапо, понекогаш со цена од седум цифри. Со толкаво вложување во еден концепт-автомобил, тој ретко успева да се протне во продукциската линија или доколку заврши, неговите најинтересни елементи не се вградуваат. Од тие причини „Бизнис инсајдер“ веќе направил разговори со некои од најдобрите производители на автомобили, за да се открие зошто производителите на автомобили трошат милиони на автомобили што не планираат да ги произведуваат.
– Пред сѐ, концепт-автомобилите типично ги претставуваме на автомобилски шоуа и тие се таму главно за да се прикажат пред медиумите. Но откако медиумите ќе си отидат автошоуто продолжува уште неколку недели и публиката исто продолжува да доаѓа. Посетителите секогаш не знаат доволно за одреден автомобилски бренд, но кога ќе го видат концепт-автомобилот тој им остава голем впечаток и се заинтересирани да дознаат повеќе. Публиката на концепт-автомобилите реагира на начин што вели „мора да го произведете овој автомобил“. Некогаш ни праќаат страсни писма, но чекови и депозити само за да го видат автомобилот во производната линија. Ништо од ова што го кажав немаше да се случува доколку не постоеја концепт-автомобилите – вели Ралф Гилес одговорен за глобалниот дизајн на автомобилите „фиат крајслер “ за „Бизнис инсајдер“.
Ралф инаку работел на дизајнот на „крајслер 300“ од 2005, „СРТ вајпер“ 2014 и на многу други автомобили. Тој додава дека возилата како „проулер“, „џип рескју“, „чаленџер“ и „вајпер“ претходно биле концепт-автомобили. Концепт-автомобилите можат да бидат користени за да предизвикаат голем интерес за одреден модел автомобил. И оваа фаза е вообичаено планирана во производството.
– Ако имаме нова производна верзија на автомобил, таа ќе биде најавена со посебен вид концепт-автомобил со дополнителни спецификации. Неговата цел е да привлече внимание. Концепт-автомобилот треба да биде повеќе идеализиран за да создаде поголем интерес, но потребна е и свесност за постоење на новиот продукт, кој треба да дојде на пазарот во следната година или две – вели Дејвид Вудхаус, директор за дизајн на „Линколн моторс“.
Добар пример за овој пристап е концептот на „Линколн Навигатор“, кој содржеше врати што се отвораа нагоре и убаво изградени скалила што излегуваат од внатрешниот дел на автомобилот. Овие делови и карактеристики не влегоа во продукцискиот автомобил, кој имаше стандардни врати и едноставни скали на повлекување. Но концептот на „Линколн Навигатор“ привлече многу внимание и предизвика голема возбуда при пуштањето на продукциската верзија на возилото.
– Навистина екстремните концепт-автомобили се најтешките, но и најинтересните. Тие често не завршуваат на продукциската линија, но можат да имаат влијание на пазарот што претстои. Може да не ги забележите во првите неколку години, но можеби на подолг рок, по 10 години на пример, може да имаат големо влијание на трендот во автомобилскиот дизајн – вели Дејвид Вудхаус.
Пример е концептот на „Вижн ефишнт динамикс“ на „БМВ и8“, кој почна да се забележува во другите автомобили како „инфинити ку70“ од 2018, „порше панамера“ од 2016, „мекларен п1“ од 2015 година.
Но концепт-автомобилите не се само за да им го привлечат вниманието на потрошувачите или за да се создаде помпа за нова верзија на автомобил што треба да излезе. Постои уште една причина зошто се потребни ваквите коцепт-автомобили. Автомобилските компании ги користат овие автомобили за тестирање на новата технологија. Ја тестираат како таа реагира, но и како луѓето би реагирале на неа.
– Ние се приближуваме до многу интересна технолошка иновациска ера, го пробуваме и го изучуваме идниот потенцијал. Прикажувањето и користењето на технологијата, технолошките принципи и дизајни значи дека не создаваме автомобил само за покажување и маркетинг – вели Таро Уеда, заменик-претседател за дизајн од „Нисан“.
Добар пример е технологијата за автономно возење. Сега технологијата за автономно возење се појавува во скоро секој нов концепт на автомобили, иако оваа технологијата не е сосема развиена. Оваа концептна технологија, која е актуелна сега, во суштина го тестира начинот на кој луѓето би ги користеле автомобилите со оваа технологија во иднината.
– Начинот на кој се користат автомобилите денес е веќе поразличен од претходно. Сега се користат услуги за споделување возење со друг како убер, следниот чекор би можел да биде автономното возење и еволуција на тие сервиси. Ние сме во транзициска ера на мобилност, а електричните автомобили се само почетокот, додека автономното возење е целта – вели извршениот директор Клаус Бисшоф од „Фолксваген дизајн“.