Кон новата книга на Билјана Жеревска – „Мост преку времето“
Билјана Жеревска (1972) работи како уредничка на емисии во редакцијата за култура и уметност на Македонската телевизија. Авторка е на многубројни тематски емисии, интервјуа и репортажи од земјата и од странство, вршела директни преноси од најзначајни државни, културни и религиски настани. Оттаму е „родена“ и книгата за која станува збор во овој приказ.
„Мост преку времето“, втора книга на Жеревска, претставува редок пример како сликите се претвораат во зборови и зборовите во слики, како од серијал од телевизиски емисии се прави читливо дело, што е ретка практика во македонското новинарство и публицистика. Дотолку повеќе што е тоа потежок, инверзивен пат да се дополни сликата, да се засили емоцијата и да се зацврсти впечатокот од виденото во емисија. Како потврдена авторка на вдахновени интервјуа со познати личности од областа на културата, во „Мост преку времето“ мошне успешно презентира поинакви општествени теми, теми од културното наследство, од уметноста, од образованието, како кај нас во Македонија така и во некои други земји, особено образованието во Британија. Освен тоа ни претставува низа од значајни личности, инспиративни луѓе, релевантни во својата професионална област. Во овој контекст треба да се истакне текстот „Интервју на небо“ од серијалот наречен „Незаборавни средби“, во кој е пренесено интервјуто што авторката, како единствен новинар од Македонија, го водеше со папата Франциск при неговата посета на Македонија.
Нејзините 14 телевизиски сценарија и реализирани емисии, создавани во различни институции и различни земји во светот, преточени во книга на читателот му нудат богатство од малку познати информации, го збогатуваат неговото знаење, му шират непознати хоризонти, откриваат достигнувања значајни за Македонија, но и пошироко. Овој калеидоскоп од теми, личности и настани е поделен во пет поглавја: Јубилеи, Традиција, Индустрии на културата, Незаборавни средби и Патoписи. Секое поглавје носи своја специфичност, открива малку познати настани, луѓе, професии, традиции, земји и светилишта. Низ нив таа ги допира знаците на нашето време што се мост преку времето за следните генерации.
Авторката Билјана Жеревска во својот предговор посочува дека оваа книга е обид за насочување на светлината и на фокусот кон вистинските човечки вредности. Впуштање во проверка на откривањето на патот преку кој се остваруваат животните соништа на оние што се храбри и неуморни. Креативен напор за откривање на она што е скриено од јавноста, преку истакнување теми значајни за целата заедница и за зајакнување на духовното единство меѓу луѓето.
Практиката, умешноста, способноста и храброста телевизиските сценарија или емисии да се претворат во пишан текст, да се стават во книга не е раширена појава кај нас, за разлика од други земји. Жеревска за таков пристап, кој е доста сложен и исправен пред низа ризици за неуспех, покажува голема дарба, тоа го прави со висок стил, изграден и богат јазичен фонд, на секоја слика и додава свој специфичен колорит со што го зајакнува впечатокот како за важноста на сликата, уште повеќе за величината на улогата на зборот. Тоа премостување меѓу едното и другото го прави ретко успешно и впечатливо. Со оваа книга таа покажува дека макотрпната новинарска професија е многу повеќе од работно место, тоа е начин на живот и мисија што бара храброст, дисциплина и посветеност. К.Р.