Филмот на Теона Стругар Митевска, „Господ постои, името ѝ е Петрунија?“, доби две награди, од екуменското жири и од Здружението на германските кина за авторски филм
Филмот „Синоними“ на израелскиот режисер Надав Лапид ја доби наградата „златна мечка“ за најдобар филм прикажан на 69-то издание на познатото Берлинале, меѓународниот филмски фестивал што во Берлин се одржуваше од 7 до 17 февруари. Наградата „сребрена мечка“ за најдобра режија ѝ припадна на германската актерка и режисерка Ангела Шанелец за филмот „Бев дома, нo“. „Сребрената мечка“ за најдобар актер ја доби кинескиот актер Ванг Јингчун за неговата улога во филмот „Соу лонг, мај сан“, додека истоимената награда за најдобра актерка ја доби Јонг Меи за улога во истиот филм. Филмот „Бај д грејс оф гад“, на режисерот Франсоа Озон, е награден со гран при од страна на годинешното жири, кое ги доделуваше наградите предводено од актерката Жилиет Бинош.
Македонскиот претставник на Биеналето, филмот „Господ постои,името ѝ е Петрунија?“ на Теона Стругар Митевска, кој беше прикажан во главната натпреварувачка програма, вечерта на 16 февруари, во пресрет на гала-церемонијата, каде што се доделија главните награди, доби две награди од независните жирија, наградата на екуменското жири и наградата на Здружението на германските кина за авторски филм.
Екуменското жири, кое е составено од меѓународните филмски организации на Протестантската и Католичката црква, „Интерфилм“ и „Сигнис“, му ја доделило наградата на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија?“, како што пренесе Кинотеката на Македонија, заради „… смелото портретирање на трансформацијата на обесправена млада жена во гласна бранителка на женските права. Кога Петрунија спонтано ќе се фрли и ќе го фати крстот што в река го фрла попот во црковниот ритуал за млади мажи, таа ги крши црковните и општествените традиции. Нејзиното првично одбивање да го врати крстот ја ослободува нејзината внатрешна сила во соочувањето со институционалните конвенции и го открива Бог во неа“.
Оваа награда на екуменското жири досега ја добиле и повеќе познати режисерски имиња, меѓу другите и Андреј Тарковски, Вим Вендерс, Кшиштоф Кишловски, Мајкл Винтерботом, Браќата Тавијани, Михаел Ханеке.
– Презадоволни сме од досегашниот успех со овие две престижни награди, а задоволството е уште поголемо кога ја гледаме публиката како реагира на приказната за Петрунија во текот на овие фестивалски денови. Независно од исходот на главното доделување на „златната мечка“, овие две награди, како и овациите, аплаузите и одличните рецензии од врвните филмски критичари, за нас се најголемото признание и сведоштво дека навистина успеавме да направиме филм што испраќа силна порака – изјавила режисерката Теона Стругар Митевска.
Инаку, како што посочија од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ и Агенцијата за филм, екуменската награда е независна филмска награда што им се доделува на филмови на големи меѓународни филмски фестивали уште од 1973 година, како Кан, Берлин, Локарно, Монтреал и Карлови Вари, чија цел е одавање почит на уметничките дела што сведочат за моќта на филмот во откривањето на мистериозните длабочини на човекот.
Наградата на Здружението на германските кина за авторски филм ја доделило жирито чии членови се управители на арт-кина. Таа им се доделува и на филмови од главната компетиција на Берлиналето и се смета за огромна препорака за гледачите и дистрибутерите, што треба да помогне за уште подобра дистрибуција и на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија?“, кој, како што истакнуваат од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ и македонската агенција за филм, наиде на неверојатен прием кај фестивалската публика.
Наградата за животно дело на ова 69-то издание на Берлиналето ѝ припадна на британска актерка Шарлота Ремплинг, а важно е да се забележи дека на церемонијата на доделувањето на главните награди му беше оддадена почит на германскиот актер Бруно Ганц, кој почина истиот ден.
Во натпреварувачката програма на фестивалот беа прикажани 17 филма, од кои седум режирани од жени што се смета за куриозитет во однос на другите фестивали од престижната А-категорија. На фестивалот годинава имаше вкупно 400 филма, а беше одржана и ретроспектива во знакот на жените зад камерата, под наслов „Самоопределување. Перспективите на филмските авторки“
Германско-српската копродукција, филмот „Бев дома, но“, за чија режија Ангела Шанелец ја доби наградата „сребрената мечка“ во таа категорија, претставува нејзин осми долгометражен филм, а една од улогите толкува и српскиот режисер Дане Комљен. Приказната во филмот е за вдовица чиј млад син избегал од дома и една недела живее во дивина.