Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: Ц!!! Што може да биде Ц?… Ами, Ц може да биде, може да биде… црвец! Но, драги пријателчиња, Ц може да биде и црна овца во бело стадо. Еден Цане од селото Цапари Битолско знае да брка црни мисли. А еден една Цвета од Царев Двор по цел ден црта цвеќиња и на првачињата им раскажува приказни. Мене ми ја раскажа оваа…
Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ц да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме. Приказнава е стокмена за еден Цветко од битолското село Цапари. Сите цапарчани го викале Цветко црвениот. Демек бил црвен во лицето ко црвена пиперка. Како цела крв што ја имал да му била собрана во лицето. Црвен, црвен, ама бил здрав како дрен. Од ништо не се плашел. По цели ноќи шетал по планината, налето спиел надвор, во дворот, под цреша. Со Цветка се чуделе и старо и младо. А, ќе заборавев! Цртал многу убаво.
Одел дури во Крушево за да го нацрта црешовото топче. Ги цртал и куќите во Цапари. Цапарчани мислеле дека се фотографии. И, така, ви велам, овој Цветко бил надарен за многу работи. Но, по она што го паметат цапарци… е, тоа е друга приказна. Ами, таа година во Цапарска Планина дошла мечка, познатата мечка Цвета. Си направила дувло, родила две мечиња и почнала да слегува в село. Цел мед им го изела на цапарчани. Се собрале ловџиите, ништо. Цело Цапари излегло в планина – ништо.
Еден ден тргнал да ја бара Цветко… да ја бара мечката. Горе, на врвот од планината, седнал на еден камен, се напил вода, извадил лист хартија, ги извадил боиците и почнал да ја црта мечката со мечињата. Си црта, си црта Цветко и кога си рекол дека цртежот е готов… се свртел и кога… зад него мечката Цвета со мечињата. Се загледала во цртежот, гледа, гледа. Цветко?!.. Цветко замрзнал од страв. Седел некое време така…
– Ако ми е пишано да ме изеде, нека ме изеде, јас тргнувам и си одам в село – си подрекол како за себе Цветко и тргнал.
Опаа, тој тргнал, мечката со мечињата по него. Кога стигнале до првите куќи и кога го виделе цапарци… Цело Цапари, и старо и младо, прснале да бегаат. Се испразнило селото. Останале само Цветко, мечката Цвета и мечињата. Еее, Цветко, Цветко, црвена пиперка!
Влегол во дворот и почнал да мисли што да прави.
– Ами, сега е време да се покажам како домаќин – си подрекол Цветко, извадил едно масиче со четири столчиња, го ставил под црешата, сварил чај од шарени цветови и ги почестил гостите
– Добре ми дојдовте! – им рекол Цветко на гостите, а на мечињата им дал и по едно лижавче бидејќи знаел дека сите деца сакаат лижавчиња.
– Цветко! – му рекла мечката.
– Ти, зззборувввашшш?! – се исплашил Цветко.
– Умните како мене знаат да зборуваат. Си чул за циркус? – го прашала мечката.
– Сум чул… малку сум чул. Зошто? – сега ја потпрашал Цветко мечката Цвета.
– Така – му рекла мечката и почнала да се смее.
А, цапарци?!… Се вратиле во Цапари кога виделе дека мечките метат во дворот на Цветка, дека садат цвеќиња, дека седат под цреша и играат џамлии. По некое време Цветко се сетил, та одел по селата и на селаните им правел циркус со мечките. Демек, мечките играле ора, скокале со јаже, возеле велосипеди… Цветко собирал пари и станал многу богат. Дури и на телевизија го имало, сите виделе како мечката Цвета вози велосипед и како јаде цреши. Цветко се правел важен и си го мазнел мустакот. Мислите дека има уште?!… Нема, а и доста е. Во приказната се вели дека во Цапари Цветка повеќе не го викале Цветко црвена пиперка, туку Цветко мечкарот. Ми верувате?!…Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ц ги отклучуваме: црвец, црно, Цане, Цапари, Цвета, Царев Двор, Цапарска Планина, Цветко, црвен, црта, цртеж, цвеќиња, циркус, цреша, цреши…