Илустрација: Игор Јовчевски

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: У

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: У!!! У е угоре високо, удолу длабоко. У може да биде некој што удира на тенка жица, демек некој што се умилкува. Една Убавка удрила со главата во дрво и рекла: Има убави, но јас сум најубава. Во селото Удово за оние што не се многу по работата велат „умот им е по страчкини седла“. Уф, ама се умни овие од Удово. За удовчани има седум приказни, денеска ќе ви ја раскажам за умен преумен. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата У да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за еден Умен Преумен. Демек пред многу, многу години во селото Удово живеел некој многу умен човек. Го викале Умен Преумен. Сакал да го викаат и Убав Преубав, но… Дека бил многу убав, не бил, ама дека бил умен… Било како било, велат дека секој ден читал по една книга и многу убаво знаел да раскажува приказни. Ќе се собереле удовчани кај него дома, ќе наседнеле во убавата и широка одаја и Умен Преумен ќе почнел да им раскажува за далечни и чудни земји, за далечни и чудни места. По цел ден им раскажувал, та се случувало да се стемни и сите да испозаспијат во големата и убава одаја. Умниот ќе ги покриел со понекое ткаено веленце со реси и, така, удовчани преспивале кај него. По неколку години се испустило полето удовско, дворовите зараснале со трње и со трева, децата почнале да не одат на училиште. Ќе траело ова уште многу време ако не се сетел некојси Урош и ако не го ставел прстот на слепоочницата. Ги собрал Урош удовчани на сретсело…
– Еј, удовчани! Еј, умни луѓе! Или соберете си го умот или ќе нѐ земе удолницата… сите! Да не речете после угоре високо, удолу длабоко!
Ете, така, Урош удовчанецот ги подотрезнил удовчаните, та почнале сите да се враќаат дома, да одат на ниви и полека-полека селото заживеало. Селото се разубавило, но Умен Преумен останал без работа. Не можел да се доначуди како е можно некој да има поумен од Умен Преумен. Ааа, место не го собирало. Не бил учен да копа и да ора, да молзи крави и да коси сено. И урмите што му ги носеле удовчани му завршиле… Еее, стомакот не прашува ништо, та кога огладнел многу се главил момок кај Душко Ушлето, што се вели, работел кај него за парче леб. Но, драги мои, Ушлето знаело дека Умен Преумен не ќе може долго да издржи на оваа работа, та го викнал еден ден на кафе…

– Слушај ваму, умен си преумен, читаш книги, ама ти е мака да работиш. Земи, измисли нешто, направи нешто за да ти личи името што го носиш. Оди дома и размислувај.
И се вратил Умен Преумен дома. Ги отворил книгите и почнал да измислува триста работи. Кога помислил дека ја измислил најумната работа, се појавил на сретсело и го удрил тапанот.
– Умни луѓе, удовчани – почнал да вика. – Ви измислив удирало. Со удиралото сите умни ќе станат уште поумни! Што треба да направите?!… Ништо бре, браќа, само да влезете внатре во удиралото. Кој сака прв?! Ауу, Убавка наша! Ајде!
Влегла Убавка и по некое време излегла насмеана до уши…
– Утре ќе се омажам, задутре ќе почнам да му го метам дворот на Умен Преумен!
Втор влегол Науме, кој крадел по малку и… Наумета во Удово го викале лева рака, десен џеб. Кога излегол од удиралото…
– Удовчани, утре ќе ви ги вратам сите украдени работи. Од крадење и лажење не се живее!

И така, сите влегле во удиралото и сите излегле од умни поумни. Последен влегол Умен Преумен…
– Удиралото ме прекрсти од Умен Преумен во Умен Најумен, ама од тоа не се живее. Од утре почнувам со работа. Ќе си ги изорам нивите, ќе си купам крава, ќе си ја подобелам куќата. Ако ме сака Убавка, за некој месец ќе има и свадба. Удиралото?! Драги мои удовчани, удиралото ви го подарувам, зашто ако не бевте вие, не ќе беше и тоа.
Некои разбрале што рекол Умен Најумен, некои не разбрале. Јас разбрав и затоа овде ќе ја завршам приказнава. Што? Како да не ми верувате! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај ги отклучуваме зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата У: Удово, удовчани, Убавка, Умен Преумен, Урош, уши, удира, удирало, убав-убави, урми, удира, ум, умилкува, училиште, утре, ушле, удолу, угоре…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.