Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“
Приказнарот: Џ! Што може да биде Џ? Ами, Џ може да биде, може да биде детски џагор. Има ли поубаво од детско џагорење, а? Џоле џамџијата од Берово бил голем џамбаз. Неговиот џебен часовник бил чудо од часовник. Ќе го навиел и си слушал приказни. Една и јас слушнав. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Џ да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.
Приказнава е стокмена за трите страчки од селото Волкодери. Од каде дошле во ова село никој не знае, но дошле и останале. Првин ги избркале врапчињата од селото, многу џивкале, затоа. Потоа се спријателиле со детето џин и почнале да прават разни глупости. Глупостите ги измислувале страчките, а детето џин им било како џамлија, го тркалале низ селото како да било топка, а не… Ајде сега да не ви кажувам други работи, важно во Волкодери си живеело и едно друго дете – детето џуџе. Џуџето било малечко, не му било ни до појас на детето џин, но било многу умно. Ги заборавив страчките! Ами, тие, наслушнувале кој што ќе рече и заедно со детето џин дрдореле и прекажувале, божем сакале цело село да го пикнат в џеб. Првин ги скарале баџанаците Стојана и Риста. Демек страчките чуле што рекол Стојан за Риста. Потоа ги степале двете снаи, Мара и Стојна. За некоја недела во Волкодери никој со никого не зборувал. Аууу, страчките заедно со детето џин уживале.
Видовте, сите ги скаравме – подвикнала првата страчка.
И селскиот падар со никого не зборува – рекла втората страчка.
Селото стана џунгла – заклучила третата страчка.
Детето џин молчело толчело.
Еден ден, детето џуџе се скрило зад една грмушка, ставило в уста една гума за џвакање и чекало да слетаат страчките… на грмушката.
По некое време се појавиле.
Го видовте казанџијата, а – подвикнала втората страчка. – Бил голем џамбаз, ама и него го скаравме со брат му бозаџија. Цела боза му ја истури.
Страчките се смееле, а детето џуџе една по една ги фаќало и ги пикало во големата волнена торба.
Сакавте џунгла, еве ви џунгла – рекло џуџето и тргнало накај дома.
По пат страчките го молеле да ги пушти, но детето џуџе молчело и брзало да не го стигне детето џин и да му ја земе торбата. За среќа, џинчето се заиграло џамлии сретсело и така џуџето стигнало дома. Кога разбрале што се случило, дома, кај џуџето дошле најумните луѓе, старците со бели коси и бради, и почнале да расправаат што и како да направат. Но, почитувани дечиња, и тие се скарале и за малку што не се степале. За среќа на волкодерци, се појавил учителот Џоле и ги смирил умните.
Не туку џагорете, проблемот е сериозен. На страчките треба да им го дотераме умот. Да видат дека не сме село без кучиња. Подајте ми ножици! – рекол Џоле и, штрак-штрак, им ги исекол опашките на страчките.
А, страчки без опашки се ништо. Ем не можеле да летаат, ем секој можел да ги клоца и да ги шутка ваму-таму. Кога им пораснале опашките, така се вели во приказната на големиот џамбаз, страчките летнале и никогаш повеќе не се вратиле во Волкодери. Детето џин?! За да го смират му купиле нов џемпер, а тоа, пак, за пријатели ги фатило големите џивкачи, врапчињата што се вратиле в село откако страчките заминале. Детето џуџе?! Било многу скромно дете. Како награда добило тегла џем од сливи од бабата Доста, која, покрај џем, правела и зелници со тиква. Дали џуџето ги пробало и зелниците на Доста, приказнарот ништо не кажува, вели само дека… ништо не вели, тука ставил три точки. Како да не ми верувате, а? Ако ми верувате, арно – ако не, уште поарно!
За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Џ ги отклучуваме: џамбаз, џамлии, Џоле, џем, џин, џуџе, џемпер, џамџија, џунгла, џагор, џагорење, џеб, џивка…
Наместо белешка за авторот
Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.