Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: О!!! О-хо-хо! Што може да биде О?! О може да биде, може да биде… орел! Една оса си го изгубила осилото и сите други оси ја прашале: Оти? Во октомври еден овен си ги скршил роговите и цел ноември овците му се смееле. О-хо-хо! На О почнува само една приказна. Ја знаат двајца, едниот сум јас. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата О да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.

Приказната е стокмена за еден овчар од Ореово. Овчарот се викал Огнен, имал осумдесет овци и еден овен, кој го купил од Опета од Острилци. Но, како и сите ореовчани, имал и десетина ореви. Огнен немал проблеми со оревите, фала богу, тие секоја година раѓале и тој си собирал по десетина вреќи ореви. Проблемот бил еден голем сив волк, кој постојано се вртел околу овците на ореовчанецот. Од волкот се плашеле сите, што се вели, и живо и диво бегало од него. Не дека не се обидувале да го фатат, но секогаш излегувал и поитар и посилен од другите. Бидејќи бил многу познат, нормално било да се прави и важен. Сите знаеле, почнувајќи од говедарите и од овчарите, па до кучињата и до лисиците, дека сакал да го викаат Волк со големо В. Стравот станал толку голем, та овчарите почнале да го сонуваат и по цели ноќи да се превртуваат во своите постели. Сите барале спас, ама спасот го немало. Еден убав летен ден, овчарот Огнен од Ореово ги истерал овците на пасење и си рекол: Белки ќе имам среќа да го видам волкот и да смислам нешто умно…

И само што помислил на волкот, волкот на врата! Се појавил качен на една карпа.
Еј, овчару!!! Ехехееееј, ме слушаш! Време е да се поздравиш со твојот овен, оној со големите рогови – почнал да вика волкот со големо В.
– Овенот! – скокнал овчарот. Та, нели си по овците, а?
– Кој рече дека не сум! – почнал да се смее волкот. Сум!!!
Аман земи некоја овца, остави ми го овенот! – почнал да се моли овчарот.
Кој си ти да ми кажуваш што да правам, а?! Сакам дома, над телевизорот, да ми висат рогови. Овчару, таква мода дојде, затоа ќе го дрпнам овенот! Ме слушна или да ти повторам!
Овој му фрлил око на овенот.
А, пусти овчар многу си го сакал својот овен предводник. Почнал да плаче…
Газда, смири се, аман, голем си, не ти личи да плачеш – дошол овенот до овчарот.
Ене го, доаѓа, се исплашил овчарот Огнен од Ореово.
– Остави ми го мене! Те молам седни под онаа сенка, скрши некое оревче и уживај малку – рекол овенот и тргнал кон волкот.
Драги мои, најдраги мои, сите што ја виделе оваа средба велат дека такво нешто се случува еднаш во сто години.
– Ми се допаѓа твојата храброст – спокојно рекол волкот.
– Храброста не се купува, или ја имаш или ја немаш – спокојно му одговорил овенот.
– Храброста ќе ти ја проверам кога ќе те пикнам во фурна – збеснал волкот.
– Туку, да ти предложам нешто. Ти се игра?! Да се вратиме по сто чекори наназад и да се стрчаме еден кон друг. Ќе ги рашириме рацете и ќе се прегрнеме цврсто, што се вели, како браќа. Потоа е лесно, твоите заби знаат што да направат – ја објаснил играта овенот.
Почнале да се враќаат наназад двајцата и кога изброиле сто чекори се засилиле и почнале да трчаат. Сакате да погодуваме што се случило, а?! Е, драги мои, овенот го подбрал волкот со роговите и го фрлил стотина метри, таму во грмушките. Се чуло само едно силно: Офффф!
Офкал волкот и бегал, а овчарот Огнен го гушнал овенот и му рекол: – Заслужуваш да влезеш во некоја приказна.
И, еве, како што чувте, влегол токму во оваа приказна што ви ја раскажав. Нешто како да не ви е јасно?! Како да не ми верувате?! Ако ми верувате – арно, ако не – уште поарно!

За крај ги отклучуваме зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои ја содржат буквата О: Ореово, Огнен, овчар, овен, овци, орев, ореви, орел, октомври, Острилци, осумдесет, оса, осило, оти, отклучува, Опе, ореовчани, обидува, оној, овој, око, онаа, објаснува, офка…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.