„Фејсбук“ не планира да почне самостојна апликација за запознавање како апликациите „Тиндер“ и „Меч груп“. Напротив ќе воведе функција што ќе биде базирана во главната апликација на Фејсбук, заедно со многуте други функции што ги гледаме на почетниот екран. Вработените од компанијата сѐ уште ја тестираат функцијата и затоа таа не е подготвена за пуштање во јавноста. „Фејсбук“ даде преглед на карактеристиките на функцијата за запознавање во мај на својата конференција Ф8.
– Сега го добиваме првиот впечаток од процесот на вградување на функцијата. За оние што сакаат да договорат рандеву преку „Запознавање на Фејсбук“ („Фејсбук дејтинг“), со него се дава посозреано и поцелисходно чувство отколку наоѓање партнер за една ноќ – вели мобилниот истражувач на „Тек Кранч“, Јане Манчун Вонг.
Откако ќе се одлучите за активирање на функцијата „Запознавање на Фејсбук“, само другите луѓе што исто така ја вклучиле ќе можат да ве видат. Вклучувањето на опцијата нема да се сподели на страната во новостите. Исто така ќе постои можност да изберете дали пријателите на вашите пријатели можат да видат дали ја користите функцијата. Во профилите за запознавање ќе бидат вклучени можности за избирање небинарни и трансродови опции за ориентација.
При активирањето „Запознавање на Фејсбук“, групите и настаните, кои се дел од неа, се отклучуваат и врз основа на информациите што Фејсбук ги знае за вас ќе можете да ги пребарувате потенцијалните кандидати. Ако двајца луѓе изразуваат интерес еден за друг, тие можат да си пратат порака преку апликациите „Месинџер“ или „Ватс ап“. „Фејсбук“ размислува за ограничување на тоа кон колку луѓе ќе може да изразите интерес, со што би се спречил бројот на непосакувани разговори или разговори од преголем број прифатени луѓе.
Ако блокирате некого од „Запознавање на Фејсбук“, тоа нема да го блокира и на фејсбук-апликацијата, иако оваа идеја сѐ уште не е финализирана. Првичниот план на „Фејсбук“ не вклучува платена претплата за користење на функцијата за запознавање. Исто така во моментов не се предвидува прикажување реклами во функцијата, сепак постои можност подоцна овој концепт да се смени.
Запознавањето ќе биде овозможено за лица што имаат над 18 години и ќе се придржува на локалните закони според кои одредено лице се смета за „возрасен“. „Фејсбук“ презема внимателни чекори за „Запознавање на Фејсбук“. Не се појавува на пазарот со голема нова и впечатлива апликација туку наместо тоа со вметнување функција што би можела да создаде значајни врски. А наедно целта е луѓето што го ценат Фејсбук, да останат со него во текот на годините. Ова е од особена важност за „Фејсбук“ по неодамнешните случки со кои беше опкружен.