Фото: Игор Бансколиев

Законот за употреба на јазиците, кој едни го нарекуваат закон за унапредување на албанскиот јазик, а други го прогласуваат за закон со кој се воведува двојазичност во Македонија, се нарушува унитарноста на државата и се губи нејзиниот мултиетнички и мултикултурен карактер, е дојден до фазата на активирање на т.н. „џебно вето“ на претседателот. И по седум дена од неговото второ усвојување во Собранието, Законот за употреба на јазиците до вчера не беше објавен во „Службен весник“, со што не може да се започне со неговата примена

Критичните седум дена за потпишување на указот за Законот за употреба на јазиците, од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов веќе се поминати и сега е извесно дека е поминат законскиот рок во кој законот требаше да биде објавен во „Службен весник“ за да стапи во сила. Законот беше изгласан драматично на 14 март 2018 година, во Собранието на Република Македонија, со гласовите на 64 пратеници и во процедура со која, според опозицијата, правните експерти, па дури и дипломатите во земјава, беа прекршени и Уставот и Деловникот на Собранието. Имено, Законот за употреба на јазиците вторпат беше изгласан во Собранието, без да има расправа за ниту еден од 35.000-те амандмани што ги поднесе опозицијата, врз основа на забелешките и укажувањата за членовите од конкретниот закон, кои претседателот Иванов ги достави до пратениците по првото изгласување, на 11 јануари. Уште истата вечер кога вторпат беше изгласан Законот за употреба на јазиците, претседателот Иванов се изјасни дека нема намера да го стави својот потпис на указот, токму поради прекршувањето на Уставот и Деловникот.

Сепак, според Уставот, претседателот има право да стави вето, односно да не го потпише указот за некој закон, откако тој е усвоен во прво гласање во Собранието, но е обврзан да го потпише кога тој ќе биде изгласан вторпат. И тоа е моментот кога се заплеткува јазолот од правни толкувања и пораки за (не)почитување и (не)прекршување на Уставот и Деловникот на Собранието. Наместо пронаоѓање некаков компромис за надминување на разликите што ги предизвика Законот за употреба на јазиците, по една седмица, различните позиции и гледишта во јавноста во врска со ова прашање се уште поизразени.
Опозицијата најави интерпелација за претседателот на Собранието, Талат Џафери, поради непочитување на собранискиот деловник и законските процедури, а албанскиот дел од владејачката коалиција го предупредува претседателот Иванов дека со непотпишување на указот за Законот за употреба на јазиците го прекршува Уставот, за што може да добие и импичмент.

Во ова еднонеделно меѓувреме повеќе експерти јавно ги прогнозираа можните исходи за објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Службен весник“, со што тој би почнал да се применува. Една од претпоставките беше дека законот би можел да биде објавен со потпис на указот само од претседателот на Собранието, Талат Џафери, зашто за неговата партија ДУИ и воопшто за Албанците во Македонија овој закон претставува заокружување на Охридскиот рамковен договор.
Беше изнесен и еден таков преседан од 1997 година, кога указот за Законот за знамињата бил потпишан од тогашниот претседател на Собранието Тито Петковски наместо од претседателот на државата Киро Глигоров. Поради таквиот преседан, овој закон бил прогласен за неуставен од страна на Уставниот суд.
Дури имаше и препорака до претседателот Иванов да го потпише указот за Законот за употреба на јазиците, за тој да може да биде доставен за утврдување на уставноста до Уставниот суд. Имено, Уставниот суд не може да постапува ако законот не е објавен во „Службен весник“. Од друга страна, оваа препорака од правни експерти беше препознаена како „стапица за претседателот“.

Владата на Република Македонија се изјасни дека Законот за употреба на јазиците ќе го испрати на оцена на Венецијанската комисија, откако веќе е изгласан, и дека ќе ги усвои нејзините забелешки и сугестии. Иако критичарите на овој закон, уште додека беше во предлог-фаза, укажуваа дека практика е законите да бидат разгледувани од Венецијанската комисија додека сѐ уште не се изгласани во парламентот.
Моменталниот развој на настаните околу Законот за употреба на јазиците, кој едни го нарекуваат закон за унапредување на албанскиот јазик, а други го прогласуваат за закон со кој се воведува двојазичност во Македонија, се нарушува унитарноста на државата и се губи нејзиниот мултиетнички и мултикултурен карактер, е дојден до фазата на активирање на т.н. „џебно вето“ на претседателот. И по седум дена од второто усвојување во Собранието, Законот за употреба на јазиците не е објавен во „Службен весник“, со што не може да се започне со неговата примена.


И во МАНУ разногласие за Законот за употреба на јазиците

Академик Катица Ќулавкова на годишното собрание на МАНУ предложи академијата на посебна седница да изгради став за новиот закон за употреба на јазиците и со него потоа да излезе пред јавноста, во функција на давање стручен и научен совет за едно, како што вели таа, суштествено прашање како што е јазикот, интегритетот и унитарноста на државата.
– Покажана е една висока индиферентност, рамнодушност или атараксија спрема едно клучно прашање за кое и МАНУ на времето е основано и за кое Република Македонија како држава е основана, а тоа е функцијата на македонскиот јазик и на македонската нација. Сметам, врз основа на компаративни анализи, дека новиот закон го ревидира статусот на македонскиот јазик предвиден со Уставот на Република Македонија, го доведува во прашање и предизвикува ситуации во кои ќе бидат загрозени и правото и должноста на секој македонски граѓанин, независно од етничкото потекло, да го употребува македонскиот јазик – рече Ќулавкова на годишното собрание на МАНУ.
Инаку, ставот на академијата, изразен во експозето на претседателот на МАНУ, Таки Фити, е дека апсолутно сите заедници во Република Македонија имаат легитимно право да бараат унапредување на употребата на нивните јазици, а тоа се однесува и за албанската и за сите други заедници што живеат во земјата.