Оружјата испечатени во новите 3Д-технологии се евтини и невидливи за традиционалните скенери, што ги прави исклучително погодни за разни терористички акции
Какви предизвици за безбедносните служби носат новите 3Д-технологии, кои, меѓу другото, може да испечатат и оружје и како овие технологии се одразуваат врз борбата за спречувањето на тероризмот. Овие дилеми станаа актуелни во домашната јавност по серијата написи во регионалните медиуми на тема поврзана со изработката на оружја со 3Д-печатачи.
Медиумите информираат дека во моментов 3Д-печатачите може да се набават на пазарот по цена од неколку илјади евра и ја објаснуваат широката палета производи што може да бидат испечатени, за што на интернет, најчесто и бесплатно, се достапни нацртите за разните печатени продукти.
Загрепски „Вечерњи лист“ притоа подвлекува дека прашање на време е кога некој ќе се обиде да испечати 3Д-пиштол, бидејќи основните и јавни информации и нацрти за изработка на ваков тип оружје веќе биле распространети низ земјата, иако за да се заврши сето тоа успешно и легално сепак е потребна дозвола од властите. Токму поради тоа, како што потсетува весникот, на интернет со години се води дискусија за и против легализација на печатеното оружје, чија изработка на овој начин чинела околу 200 евра.
Слични сознанија има и безбедносниот аналитичар Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражување и анализи, кој истакнува дека развојот на технологијата им оди на рака на терористичките организации во нивните дејствувања во светот но и во нашиот регион.
– Конкретно говорејќи за 3Д-печатачите и за нивната способност од разни материјали да испечатат секаков вид оружје, како ножеви, мечеви, па дури и пиштоли и пушки, можам со сигурност да кажам дека тие најверојатно во некој настан може да бидат искористени од приврзаници на разни терористички организации. Оваа моја констатација ја темелам на фактот кој вели дека безбедносната наука и јавност познаваат голем број примери што индицираат дека разни терористи во своето дејствување веќе со години произведуваат биолошки оружја и комплексни експлозивни материјали за чија изработка е потребно добро познавање сложени хемиски, машински и биолошки процеси. Оттука произлегува дека ништо не би ги спречило терористите да ракуваат и со 3Д-печатачите, каде што, условно кажано, на лесен начин можат да произведат секаков вид оружје – вели Трајкоски.
Тој додава дека станува збор за сериозна закана, која многу го отежнува превенирањето терористички напади.
Она што, според Трајкоски, би можело да биде сериозен проблем во сузбивањето на тероризмот е фактот што овие оружја се изработени од материјал што не се детектира од традиционални скенери.
– Оружјата, бидејќи се изработени од пластични полимери, може во делови дури и по пошта да бидат испратени секаде и составени од трети лица пред употреба, што дополнително го компликува мозаикот – објаснува тој.
Поради сето тоа, Трајкоски е убеден дека безбедносните служби во земјава и во светот го следат развојот на настаните и подготвуваат одговор на оваа нова закана.