На отворањето на 57-те „Струшки вечери на поезија“ е пуштен и краток видеозапис со Ален Гинзберг на кој тој ја чита манифестната „Космополитски поздрави“ упатена на фестивалот во 1986 година
Адам Загајевски, лауреатот на годинашниот „Златен венец на поезијата“, на прес-конференција одржана завчера во Струга каде што вечерта свечено беа отворени 57-те „Струшки вечери на поезијата“, симпатично пред новинарите меѓу другото рече: „Ќе се онесвестев кога ја видов листата на добитници на наградата. Има легендарни поети, меѓу кои и неколку нобеловци“. Фестивалот вечерта беше отворен пред Домот на поезијата, традиционално, со читање на антологиската песна „Т’га за југ“ на Константин Миладинов на македонски и на англиски јазик и со палење на фестивалскиот оган по што следуваше традиционалното читање „Меридијани“, кое почна со стиховите на Загајевски. Годинашното фестивалско издание за отворено го прогласи министерот за култура Асаф Адеми.
– Како министер – служител на културата во нашата земја сакам да ви ветам дека ќе дадам сѐ од себе ореолот да им се врати на поетите и на писателите, наместо на институциите. Зашто човекот е извор на убавината заради која сме тука. Поголемо достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас, чунки како што говореше големиот Прличев: „тије се солта на општеството“. И онаму каде што разумот остава рани, поезијата залекува. Онаму каде што различностите знаат да поделат поезијата знае да создаде прекрасен мозаик – рече министерот. Зборуваше и директорот на фестивалот Мите Стефоски.
– Никогаш досега толку многу бодликава жица не била употребена да се исцртаат граници. Меридијани опредметени со бодликава жица, кои го оградуваа поетскиот простор. Бодликавата жица е симбол на поделеноста, врвна метафора на стравот, на отуѓеноста, на паранојата од другите, на заканувачкиот хаос што демне од другата страна и нѐ плаши. Таа е сведоштво за неспособноста да се комуницира, да се прифатат и разберат другите. Таа е симбол на нашиот пораз како човештво. Затоа, еве нѐ тука во овој простор од кој поезијата како мали хартиени бротчиња ќе се упати низ светот, преминувајќи ги сите препреки, премавнувајќи ги сите забрани и граници, сведочејќи за космополитскиот дух вграден во суштината на овој фестивал -рече тој.
На отворањето беше пуштен и краток видеозапис со Ален Гинзберг на кој тој ја чита манифестната „Космополитски поздрави“ упатена на „Струшките вечери на поезија“ во 1986 година, песна што никогаш не била прочитана на овој фестивал.
– Читајќи ја листата на моите претходници како Неруда, Тадеуш Ружевиќ, Ален Гинзберг и другите, чувствувам и мала несигурност, стравувајќи дека не можам да ги продолжам нивните чекори – рече, меѓу другото, Загајевски. На „Меридијани“ учествуваа 30 поети од 29 земји од светот, кои своите стихови ги читаат на мајчин јазик.
Адам Загајевски говорејќи за својата поезија, која е тесно поврзана со клучната годинашна тема на фестивалот – егзилот, на прес-конференцијата дента зборуваше и за моменти од својот живот.
– Бев протеран кога имав 4 месеци, не се сеќавам на тој момент. Мојот цел живот е сеќавање на тоа што сум го изгубил заедно со другите што ги изгубија своите домови, села, градови. Кога ќе изгубите нешто на четири месеци значи дека кога ќе пораснете вие не сте дома. Тоа не е место што може да го наречете дом. Среќен сум што живеам во Краков, но моите пријатели забележуваат дека јас не сум роден таму. Домот е нешто што ви е дадено само еднаш – рече лауреатот на престижната награда за поезија, кој е вториот полски поет добитник на престижната фестивалска награда по поетот Тадеуш Ружевиќ во 1987 година.
„Струшки вечери на поезија“ ја преведе и објави поезијата на Загајевски на англиски, македонски и на полски јазик, во капитално издание на 800 страници, најголемото досега.
– Годинава фестивалот има една сеопшта тема, а тоа е егзилот и пишувањето во егзил – истакна Мите Стефоски. Според него, оваа тема е присутна воопшто во историјата на книжевноста и во судбината на сите поети, од најстари времиња до денес.
– Поезијата се создава на мајчин јазик и ние го презентираме творештвото што е создадено на мајчин јазик, а со тоа овозможуваме таа да стигне насекаде. Фестивалот е создаден од македонските писатели за зачувување на македонскиот јазик и афирмација на македонската книжевност, но тој не ѝ припаѓа само на Струга и на Македонија, туку на целиот свет, и целокупната книжевност – потсети Стефоски.
Плакатот на фестивалот, дело на дизајнерот Лазар Трипков, со стихови од Адам Загајевски е отпечатен на 27 јазика.