Во Македонија деновиве заврши снимањето на долгометражниот дебитантски игран филм „Празникот на хризантемите“ на младиот украински режисер Симон Мозгави, во продукција на „Мејнстрим пикчрс ел ел-си“ од Киев, Украина. Македонскиот дел од филмот, кој е меѓународна копродукција меѓу Украина, Македонија, Србија и Хрватска, е на „Опиум продукција“. „Празникот на хризантемите“ е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Украина, а дел од неговата постпродукција ќе се работи во земјава.
Дел од филмските сцени се снимени во Спомен-костурницата во Велес и во Македониумот во Крушево. По повеќемесечни подготовки и изградба на комплексна сценографија во Велес и во Крушево, снимањето на филмот траело десет дена. Станува збор за научнофантастична, дистописка филмска драма, во која се говори за односи помеѓу млада лекарка и нејзиниот пациент, стара „жена-цвеќе“, познатa како исцелителка што мистериозно преживува нуклеарна експлозија, но целосно ги изгубила меморијата и идентитетот. Филмот го следи патот на нејзиното враќање на меморијата.
– На овој филм како прв од овој жанр што се снимаше во Македонија, во тешки временски услови и по сите протоколи за заштита за време на пандемијата од ковид-19 учествуваа над дваесетина филмски професионалци од Македонија и над триесет филмски автори и работници од Украина. Филмот се снима во повеќе етапи и на локации во Украина, Босна, Србија и Хрватска – посочуваат Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов од „Опиум продукција“.