По првите две кола од квалификациите за ЕП 2020 ЕХФ изрече казни, меѓу другото, за неовластени промотивни материјали, неинсталирани билборди, отсуство на логото на спонзорот, брендирани канти за отпадоци во близината на судиската маса, неовластени реклами на детските маици пред натпревар…
Ракометниот суд на Европската ракометна федерација (ЕХФ) им изрече парични казни на десет федерации, поради непочитување на маркетиншките права за време на одигрувањето на мечевите од првите две квалификациски кола за пласман на Европското првенство во 2020 година. Вкупната казна што ЕХФ ќе ја собере по основа на недозволено рекламирање и поставување или непоставување соодветни реклами на квалификациските мечеви е 9.500 евра.
Највисоката парична казна од 2.000 евра ќе ја плати Ракометниот сојуз на Германија, кој на мечот од 1-то коло со Израел имал неовластени промотивни материјали. Ракометната федерација на Белгија ќе треба да плати казна од 500 евра за неинсталирани рекламни билборди во арената за време на мечот со Хрватска. Од истите причини казна од 500 евра доби и Ракометната федерација на БиХ и уште дополнителни 1.000 евра поради отсуство на логото на спонзорот на ЕХФ на ракавите на опремата на тимот.
Ракометната федерација на Хрватска, пак, ќе треба да плати 1.000 евра поради неовластено пласирање промотивни производи и поставување брендирани производи во делот резервиран за измени на играчите на натпреварот со Швајцарија. Данската федерација доби казна од 500 евра поради поставување брендирани канти за отпадоци во близината на судиската маса на мечот против Украинците, а Федерацијата на Фарските Острови ќе плати казна од 1.000 евра затоа што не им работеле лед-мониторите на кои требало да се прикажуваат рекламите на спонзорите на ЕХФ.
Поради отсуство на логото на спонзорот на ЕХФ на опремата на репрезентацијата и поради имање неовластени билборди во салата, Ракометната федерација на Италија е казнета со 1.000 евра. Ракометната федерација на Словенија, пак, ќе треба да плати 500 евра поради неовластени реклами поставени на детските маици пред натпреварот со Летонија. Федерацијата на Швајцарија ќе плати казна од 500 евра за поставување брендирани држачи за лепило во зоната за измени на играчите на натпреварот со Србија, а Федерацијата на Холандија доби вкупна казна од 1.000 евра поради неотстранување недозволени реклами и неовластени реклами на маиците на децата што помагаа на мечот со Естонија.
За тоа дека маркетинг-правата и рекламите играат важна улога во светот на спортот зборува и фактот што Европската фудбалска унија (УЕФА) повела истрага против фудбалскиот клуб Баерн и нивниот фудбалер Леон Горецка за утврдување на причините поради кои Горецка на мечот од Лигата на шампионите со Ливерпул носел дрес од Бундес-лигата. Горецка на терен влегол како измена во 72-та минута од натпреварот, но наместо во европскиот комплет на Баерн, тој бил облечен во комплет од Бундес-лигата. На прв поглед и двата комплета изгледаат исто, но УЕФА дозволува само еден спонзор на дресовите за Лигата на шампионите, па комплетот на Горецка бил кршење на правилото на УЕФА.