Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прашањето што се наметнува е зошто ЕУ, па и САД не го насочат притисокот врз Бугарија кога се свесни, и тоа досега повеќепати и самите го нагласија, дека бугарските барања се надвор од преговарачката рамка со ЕУ

МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ГО ИЗГУБИ КОМПАСОТ ВО ОДНОС
НА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Последната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи и пораките што ги испрати од Скопје говорат дека Европската Унија продолжува со лицемерната политика кон земјава, насочувајќи го притисокот за решавање на спорот со Бугарија само врз Македонија.
Повикот на Вархеи до Македонија да ги реши отворените прашања со Бугарија не може да се сфати никако поинаку освен како директен притисок врз македонската страна да ги прифати бугарските нерационални барања, без оглед што тие немаат никаква врска со европските критериуми за зачленување.
Македонија, заедно со Словенија, уште пред три децении од Бадентер беше оценета како република од поранешната СФРЈ што ги исполнува сите услови да биде признаена како независна држава, но без оглед на тоа тогашната Европска заедница го одложуваше признавањето на земјата.

Десетина години подоцна Македонија прва во регионот го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, но повторно остана во европската чекалница.
Во 2004 година, ЕУ на земјава ѝ додели статус кандидат за членство, но до ден-денеска Македонија не доби датум за почеток на пристапните преговори, иако во 2018 година направи тежок компромис со Грција и го промени уставното име.
Без оглед на сите ветувања на Унијата дека името е последната пречка, на патот на македонските евроинтеграции се испречи Бугарија со барања за промена на идентитетот, јазикот и историјата на државата, нешто што во постулатите на основањето на ЕУ важи како суверено право на секоја држава во кое никој не смее да се меша и Европа токму ова го третира како богатство на различностите.
Да биде парадоксот уште поголем, сега истата таа Европа дозволува од нејзина земја-членка да се наметнуваат критериуми што немаат никаква врска со европските интеграции, а згора на тоа врши притисок врз земјата-кандидат да се откаже од своите одличја.
Лицемерството оди дотаму што и многу членки на ЕУ немаат решени многу посуштествени прашања што се однесуваат на исполнување на европските критериуми, па сепак преговараа и станаа полноправни членки на Унијата. Колку за потсетување, Словенија и Хрватска и натаму имаат територијален спор, иако европските критериуми бараат да нема отворени прашања меѓу земјите. Уште порадикална е ситуацијата со Кипар, каде што половина земја е дел од ЕУ, а половина е под контрола на Турција и со нерегулиран меѓународен статус.
Бугарија и покрај тоа што веќе 14 години е членка на ЕУ, и натаму не успева да се справи со корупцијата, правата на малцинствата итн. и постојано добива опомени, додека Грција со децении го подрива европскиот финансиски систем и останува и натаму европско галениче.

Во декември минатата година на македонска страна застанаа Австрија, Чешка и Словачка, а сега официјална Виена се нуди за посредник во преговорите меѓу Софија и Скопје, повеќе во насока да ги заштити сопствените инвестиции во земјава отколку да ги брани македонските интереси.
Прашањето што сега се наметнува е зошто ЕУ, па и САД не го насочат притисокот врз Софија кога се свесни дека бугарските барања се надвор од преговарачката рамка со ЕУ, туку се притиска само Македонија да направи компромис, иако речиси никому во оваа земја повеќе не му е јасно уште што треба земјава да даде за да ги почне преговорите.
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека меѓународната заедница целиот притисок за решавање на проблемот со Бугарија го насочува врз Македонија, без оглед што земјава ги исполнила сите европски критериуми потребни за почеток на преговорите.
– За жал, целиот притисок е врз Македонија. Дополнително, со најавата на Вархеи дека Македонија и Албанија би можеле да се раздвојат во пристапниот процес, тоа би можело да се протолкува дека ЕУ ја издвојува Македонија како специфичен проблем. На тој начин, земјава влегува во сè поголема неизвесност за тоа кога би почнала преговори, а уште повеќе кога би станала членка бидејќи со новата методологија постои можност секоја земја да го блокира процесот со нови барања и услови – вели Андревски.
Според него, вака како што сега стојат работите, земјава тешко може да се надева на членство во ЕУ.
– Максимален дострел на Македонија е да биде одличен сосед на ЕУ, а од неа да бара таа да биде добар сосед кон неа. Вака како што сега стојат работите, Македонија подолго од Турција би преговарала и не би можела да стане полноправна членка на ЕУ – констатира Андревски.
Тој уште додава дека прашањата што ги наметнува Бугарија не се дел од европските критериуми.

– Овие прашања што ги наметнува Бугарија воопшто не се дел од европските критериуми. Македонската политичка елита со силни институционални форми и неформални меѓународни форми треба да го спречува тоа и да бара преговори, односно услови што се предвидени низ историјата на ЕУ, низ она што сега е актуелно и низ тоа што ЕУ како голема институционална ситуација го нуди на Македонија – заклучува Андревски.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски препознава две линии во пристапот на меѓународната заедница кон проблемот меѓу Македонија и Бугарија.
– Ако ги гледаме двете линии на пристап од меѓународната заедница – договорете се како било и да се испочитуваат принципите, мора да се држиме до принципите, зашто во спротивно решението ќе биде лошо за нас. Ако прифатиме какво било решение, Бугарија е во моментов помоќна, бидејќи е членка на ЕУ и тогаш решението ќе влече на нивна страна. Ние мора да се врземе за принципите ако сакаме добро решение – смета Арсовски.
Според него, нашата цел треба да биде бугарското мислење за решението да не стане европско мислење.