Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, ќе оствари дводневна посета на Анкара и на Истанбул, а мнозинството Грци се скептични околу смислата на посетата, пишува во анализата на „Дојче веле“. Ципрас денеска се среќава со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Анкара. Потоа патува во Истанбул на разговор со православниот патријарх Бартоломеј Први. Во декември 2017 година Ердоган замина за Атина и тоа беше прва посета на турски премиер на земјата по цели 65 години. „Посета во минско поле“ е насловот во атинскиот весник „Та неа“. „Турска авантура“ пишува порталот „Онлајн Ин.Гр“.
Ангелос Сиригос, кој е професор за европски студии на универзитетот „Пантеон“ во Атина не гледа конкретен повод за посетата.
– Битно е меѓу Атина и Анкара да се негува комуникацијата – вели тој во разговор за „Дојче веле“.
Грците се сметаат за загрозени од територијалните претензии на Турција во Егејско Море. Тензии предизвикува и состојбата со турското малцинство во Тракија, бидејќи од грчка гледна точка тие воопшто не се Турци, туку „муслимани“ – заради тоа што грчките власти не ги регистрираат според етнички обележја.
Политикологот Сиригос се сомнева дека во Анкара може да дојде до сериозни разговори за кипарското прашање.
– Со децении веќе позицијата на Атина е дека не станува збор за преговори меѓу Грција и Турција, туку меѓу Кипар и Турција. Така и ќе остане, дури и ако Република Кипар не е признаена од Турција – вели Сиригос.
Нова спорна точка е кавгата за осум турски офицери, кои по неуспешниот обид за пуч во 2016 година пребегаа во Грција и таму побараа азил. Ердоган бара офицерите да бидат испорачани со образложението дека и тие биле одговорни за пучот. Врховниот суд на Грција го одби барањето.
Нови тензии, но и нови шанси носат претстојните енергетски проекти во источниот дел на Средоземно Море. Пред сѐ станува збор за производството на природен гас од брегот на Кипар. Во 2011 година првпат беше извршено тест-дупчење од страна на американскиот концерн „Нобел енерџи“ на полињата за гас, а денес во регионот се активни енергетски концерни од Франција, Италија и од САД. Целта е соработка меѓу Грција, Египет и Кипар во енергетскиот сектор, каде што островот во Медитеранот ќе добие водечка улога, пишува „Дојче веле“.