Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во време кога сите автомобилски компании ја збогатуваат понудата на електрични автомобили, а Европа минатата година забележала двојно зголемена продажба на електрични возила, македонските граѓани и натаму им остануваат верни на автомобилите на класичен погон, без оглед што нееколошкиот возен парк се посочува како еден од главните виновници за големото загадување на воздухот во повеќето градови низ Македонија

ВИСОКАТА ЦЕНА ЈА ЗАБАВУВА МОДЕРНИЗАЦИЈАТА НА ПРЕВОЗОТ

Високата цена и недоволно развиената инфраструктура за полнење на батериите се главните причини поради кои во Македонија електричните автомобили буквално можат да се избројат на прсти.
Во време кога сите автомобилски компании ја збогатуваат понудата на електрични автомобили, а Европа минатата година забележала двојно зголемена продажба, македонските граѓани и натаму им остануваат верни на автомобилите на класичен погон, без оглед на тоа што нееколошкиот возен парк се посочува како еден од главните виновници за големото загадување на воздухот во повеќето градови низ Македонија. Ако се земе предвид фактот дека најниската цена на електричните возила е околу 25.000 евра, а на оние покомфорните семејни автомобили оди и над 40.000 евра, тогаш повеќе од јасно е зошто интересот е мал.
Граѓаните велат дека стандардот не им дозволува да купат ново бензинско или дизел-возило, а не, пак, електрично.
– Електричните возила се пуста желба за нас. Прескапи се, а кај нас нема ниту доволно полначи што би ги задоволиле потребите на граѓаните. Ризично е да тргнеш на пат со семејство и некаде да останеш со празни батерии. Покрај тоа, нашиот менталитет е таков што на секој новитет му се пристапува со извесна скепса, па, така, и односот кон електричните автомобили, сѐ уште е резервиран. Затоа, пак, се купуваат дотраени дизел-возила од Европа и се загадува воздухот – вели Владимир Николовски, приватен стопанственик.
Тој додава дека побогатите европски земји можат да си дозволат електрификација на возниот парк затоа што и стандардот им е далеку повисок од нашиот.
– Имав можност да патувам во Осло, во Норвешка.

Таму, да не претерам, чинам дека секое трето возило беше електрично, а и покрај патиштата можеа да се забележат повеќе полначи за овој тип возила на помали растојанија, така што без оглед колку е голема земјата, покриеноста со инфраструктура за полнење беше одлична – го споделува своето искуство Николовски.
Автоимпортерите во земјава велат дека тие во своите понуди имаат вклучено електрични возила, но дека интересот за купување е многу мал.
– Нема голем интерес меѓу македонските граѓани за купување електрични возила, а главна причина за тоа се високата цена и недоволно развиената инфраструктура за полнење на батериите. Оној што купува возило за патување, сака возилото да помине што повеќе километри и да нема никаде проблем да ги дополни батериите – објаснуваат оттаму.
Освен тоа, како што додаваат, потребни се инвестиции за да може електричните автомобили да бидат функционални на територијата на целата земја.
ЕВН пред речиси две години започна со спроведување на проектот „Електромобилност со ЕВН“, во чии рамки беа поставени околу 40 полначи за електрични автомобили низ земјата, а проектот продолжува и натаму.

– ЕВН изгради сериозна електрична инфраструктура низ целата држава. Во рамките на првата фаза на проектот, се поставени 40 станици за полнење електрични возила во 17 града. Во градот Скопје се поставени повеќе полначи, кои покрај на јавни површини, се достапни и во фреквентни објекти како хотели, ресторани, шопинг-центри и слично. Сите полначи се од германско производство и од типот 2. Мапата се ажурира во согласност со динамиката на поставување на новите полначи. Со оглед на сè поголемиот интерес и реален раст на потребата од полначи во светот, ЕВН покрај веќе поставените и планирани полначи, за кратко време ќе постави на различни локации и неколку брзи полначи – посочуваат од компанијата.
Најголем интерес за поставување полначи има кај угостителите, но и во други објекти со висока посетеност, како шопинг-центри.

Покрај полнењето во своите домови, за да можат да патуваат на поголеми дистанци, на сопствениците на електрични возила им се потребни и полначи достапни на јавни површини. Неопходно е полначите да бидат поставени во правецот на движење на возачите и на дистанци до 100 километри еден од друг. За да ги користат полначите, сопствениците на електрични возила најпрво треба да се пријават за електронска картичка, а полнењето е бесплатно.
За да се стимулира купувањето електрични возила, од почетокот на оваа година државата го укина данокот при увоз на електрични возила.
Минатата година во ЕУ биле продадени повеќе од 290.000 електрични автомобили, речиси двојно повеќе од 2018 година, покажуваат податоците на Европското здружение на производители на автомобили. Холандија со 67.695 продадени возила и Германија со 63.491 биле најголемите европски пазари на автомобили на електричен погон.