На фудбалското Светско првенство (СП) во Русија, пред вчерашните натпревари беа постигнати 105 гола, а само еден меч заврши со резултат 0-0. Во просек по натпревар се постигнуваа по 2,63 гола, а во тоа предничеа играчите што играат во шпанската Ла лига со 24 гола, еден повеќе од тие од англиската Премиер-лига.
По клубови, напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн е водечки стрелец со пет гола.
Неговите клупски соиграчи, Данецот Кристијан Ериксон и Сон Хеунг-Мин од Јужна Кореја постигнаа по еден или вкупно седум гола, еден помалку од играчите на, на пример, Реал Мадрид, Кристијано Роналдо (четири), Лука Модриќ (два), Иско и Начо (по еден).
Со помош и на контроверзниот ВАР досега (уште трае првата, групна фаза натпревари) беа досудени 22 пенали (реализирани се 17), за малку па двојно повеќе отколку на целото СП 2014 во Бразил (13).
Претходниот рекорд од 18 пенали беше поставен на Светското првенство во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја. Од 105-те гола 17 се од пенал, шест беа автогола, 7-8 од слободен удар или по центаршути од прекин.