Ах, таа лисица!… Не дека не е лична, не дека не е итра, не дека не е… Но, мора да признаете дека многу ја има во приказните. Ај што ја има, туку секогаш некого надитрува, особено ужива да малтретира волци и волчиња. Некако многу се прави важна… И сега се обидувам да ѝ стокмам нешто, нешто што ќе ги смени сите приказни во кои е замешана таа. Следете ме!
Ве запознавам со волк, кој е на десетдневно боледување, ами лошо поминал во трлото на некој овчар. И, еве, со една нога во гипс седи пред компјутерот, се врзува за Интернет и бара одговор на прашањето: во колку приказни е замешана лисицата и во колку тој како волк e насамарен, излажан и понижен. Компјутер, како компјутер, веднаш си ја заврши работата. Од податоците што се читаат на екранот, на волкот му се слоши. Во милиони приказни низ светот тој е излажаниот и понижениот.
– Е, не може повеќе вака?!… Мора нешто да смислам! Леле, жив ќе се изедам од мака! – почна да завива волкот.
И почна да се дума. Де вака, де така, ништо не му оди од рака. И само што сакаше да се откаже и да се помири со судбината, на гости му дојде ежот. Да го ѕирне, знаете кога е болен некој се оди на гости, за муабет, за поддршка, за подобро оздравување.
– Ежу, многу те ценам и како домаќин и како… како еж. Некако ми изгледаш важен, како да речам… умен. Не, навистина имаш, вака, имаш стил. Фраер си невиден, нема што! Ами, време е во некоја приказна да сум поумен од неа. Така?
– Лисицата велиш, а?! Ами, не знам што да ти речам! Сега вака, не сум подготвен за размислување. Ај, дај ми два дена, а?
И така, по два дена ете ти го ежот кај волкот…
– Дојде?… Гипсот го извадив и сега ногата ја држам во чајот што ми го донесе ти. Како нов сум. Те гледам и многу се радувам. Смисли нешто?
– Смислив, но не е работата за муабетење, може некој да нѐ чуе.
– Имаш право. Ние волците сме за никаде, не знаеме да шепотиме. Чаре?
– Дојди поблиску…
– Толку беше. Ежот смислил план и сега волкот тренира, се подготвува за историската средба со лисицата. Знаете, не смее да згреши, ако згреши готов е…
Што смислил ежот? … Чекајте не брзајте, има време…
Траеле колку што траеле подготовките, еве го волкот среде шумската ширинка со бастун в рака, со фрак и со ракавици како вистински џентлмен. Го врти бастунот во левата рака, а десната ја ставил на чело и упорно гледа во највисокото дрво, нешто како да… И по некое време, оп… лисицата! Ја кренала опашката, ставила карминче, се намирисала, се напудрила, се поткренала на штикли.
– Ти си? – подзинала кога го видела волкот.
Овде волкот важно молчи и упорно гледа во крошната на дрвото.
– Ова не е можно! Како од Милано да си дошол, од некоја модна ревија!
Волкот продолжува важно да молчи. Одвреме-навреме ги вади и ги става очилата и си ја мести косата.
– Нешто, како да се правиш важен, а? Кај си се загледал така, а? Да не си неарен? Види го? Еј, тебе ти зборувам!
– Види вака, во шумата дојде птица од далеку. Се гнезди на ова дрво пред мене. Се вика До До и несе по десет големи бели јајца. најдов податоци на Интернет дека од едно испиено јајце можеш да се подмладиш за едно три години. Мислам, да изгледаш помлад за три години.
– Птица… јајца… три години… Значи, ако испијам две јајца ќе станам помлада за шест години… Леле, ти, ти си срце, ти си… Ме спаси! Спасителу мој! Сега ќе види лисецот што се прави фраер и што муабети наоколу дека сум била престарена. Леле, сега ќе го шокирам! Што чекаш, се качува!
– Јас веќе испив две. Мислам дека се гледа на мене.
– Да, како да си некој друг… И сега што да правам, а?
– Не знам… Убав помин, драга пријателке.
Волкот си замина, а лисицата остана со подотворена уста, со ококорени очи и со сто кила желба за подмладување. Ех, кој не сака да биде млад и убав! И реши да се качи на дрвото, да дрпне две јајца од птицата До До. Ај што не најде птица и гнездо, туку бидејќи беше невешта во качување по дрва, се лизна и трааас долу, на земјата. Волкот кога го чу тоа траааас, само се насмеа и си замина.
Каде е сега? Тука е, кај ежот, пишуваат нова приказна за волкот и за лисицата, ама не таква каква што очекуваат сите, туку малку поинаква.