(Цане Ризески, „Сто и една како една“, Паблишер, Скопје, 2017)
Веќе со години ги следам песните и книгите на македонскиот поет Цане Ризески, тивок, ненаметлив творец, барем што се однесува до надворешните манифестации, до неговото присуство надвор од песните, во нашава бучна, напати дури и вревлива книжевна атмосфера. За среќа, отсекогаш имало творци со таква судбина, со таков карактер и со таков однос спрема вонкнижевните активности, но со еден несомнено вжештен однос спрема лирската сушност, спрема суштината на лириката, спрема копнежот кон повисок ранг. Треба ли бегум да се мине покрај непоколебливи искази, особено покрај манифестации на тој копнеж во самите стихови? Зошто барем за миг да не запреме и попроникливо да се вслушаме во една длабинска исповед што сведочи за голем и висок наум, за облик од кој би зрачеле енергија и моќ на лирскиот производ?
Гледајте како нашиот поет, иако навидум со укажување на сопствените граници, ги соопштува своите намери за лирски поход, па се исповеда:
„никогаш не успеав
да напишам песна
што ќе стресе
цела една планина“
Песната и поетот признаваат пораз, но тоа е состојба воспоставена на едно високо рамниште, резултат на екстремно крената белега, тоа е всушност победа на еден сон, на една визија, на самоверба и самодоверба, присуство на јасна свест за поседување идеја за таква песна, за таква демонстрација на лирската природа. Станува јасно дека таквата песна е осветлена како проект, дека за неа се правени скици, пресметки, подготовки. А дека ваквиот лирски потентен исказ не е случајно попаднат во поетското писмо на Ризески, внимателниот читател може да се увери речиси во сите песни од неговата најнова книга. Пеењето тука редовно се прихранува со книжевни навеви, со потсетувања на лирските, филозофските и историските врховници, со коментари, алузии и цитати, со промислување на односот помеѓу нивните дела и песната што е свртена спрема нивното културно и уметничко зрачење.
Очигледно дека Ризески го учел мајсторството (и) кај нашите лирски народни предци или, пак, е можеби во прашање припадност на иста природа, на ист менталитет, на иста судбина произлезена од длабокото усно наследство. Во секој случај, води широк, директен пат од големата визија за песната на народниот мајстор до овие згуснати лирски пластови кај Ризески. Тоа е мигот кога се осветлуваме со откритието за огромните емотивни наслојки во нештата со мали надворешни димензии, за записот што во вид на клучна равенка е втиснат во најмалото количинско присуство на елементот, кој, сепак, пред нас ја распостила целата природа на целината.
Има песни во „Сто и една како една“ во кои најдиректно, иако лирски неоштетено, Ризески посведочува за таа мајсторска штафета, за тој пренос на енергија и творечка вештина, за тоа наукување кај големите претходници. Таа намера постојано да им се посветува на природата и на рангот на песната заличува на многу места, во многу стихови и песни во последната поетска книга на Цане Ризески. Кога сака да постигне ѕунлива, треперлива лирска целост (впрочем, и насловот на песната гласи „Треперења“), поетот гради структура што е внатрешно разиграна, подземена од еден кружен, понеслив ритам во кој пливаат откршоци од семантичките слоеви, но не стихијно и произволно, туку вглобени во циклични резонанси, на тој начин отворајќи ја и заокружувајќи ја лирската матица во кратка и слоевита песна.
Забележувам дека спонтано заграбувам од стиховите и цитирам, дека е тоа завлек што тешко се контролира, зашто оваа полифонична поетска книга на Цане Ризески, дури и во овој случај, кога се обидувам да следам и да осветлам и препорачам само една нејзина наслојка, онаа со поетичка нијанса, како да инсистира да се остави самата да се дообјасни. Затоа да не се опирам и да укажам уште на најексплицитната линија во ова поетско писмо опседнато со самореферентноста, со природата на лирската песна, инсистирајќи на несомнено точниот центар каде што се наоѓа клучот на лирскиот пев. На што се сведува суштината на поезијата, прашувам во името на читателот упатен во тајните на поезијата?
„сета суштина на поезијата
се сведува на едно
како да се каже
…
и не бил важен чинот
важен бил начинот“
Ја читам ова возбудлива, многуслојна, самосвесна поетска книга на современиот македонски поет Цане Ризески и спонтано помислувам на упоритото инсистирање на нашиот истакнат поет Братислав Ташковски да се пристапи кон темелно превреднување на хиерархијата во македонската поезија. Кога тоа го предлага, дали можеби Ташковски ги има предвид достоинствата и на поезијата на Цане Ризески, чие творештво, поради нивното долгогодишно пријателство, најдобро го познава?
Санде Стојчевски