Музејот содржи повеќе значајни дела на Огист Роден, вклучувајќи ги и познатите скулптури „Мислителот“, „Бакнежот“ и „Портите на пеколот“
Музејот „Роден“ во Париз годинава одбележува еден век од своето отворање во 1919 година. Тој е посветен на делата на францускиот скулптор Огист Роден и има две локации: хотелот „Бирон“ со околните делови во централен Париз и надвор од градот, во неговата куќа, вилата „Де Бријан“ во Медон. Неговата музејска колекција содржи 6.600 скулптури, 8.000 цртежи, 8.000 стари фотографии и 7.000 уметнички предмети, а го посетуваат годишно околу 700.000 луѓе. Додека живеел во вилата „Де Бријан“, скулпторот од 1908 го користел хотелот „Бирон“ како своја работилница, а подоцна целата своја колекција на скулптури ѝ ја донирал на француската држава под услов зградите во кои творел да се претворат во музеј посветен на неговите дела.
Музејот „Роден“ содржи повеќе значајни дела на Огист Роден, вклучувајќи ги скулптурите „Мислителот“, „Бакнежот“ и „Портите на пеколот“. Многу од неговите скулптури се истакнати во музејската голема градина, а во Музејот се наоѓа и соба посветена на делата на скулпторката Камиј Клодел, негова ученичка и љубовница.
Неговите градини содржат многу од познатите скулптури во природни поставки.
Скулптурата „Мислителот“, изработена во бронза, датира од 1903 година. Калапот ѝ бил изработен во леарницата „Алексис Рудие“ во 1904 година, а скулптурата била пренесена во музејот „Роден“ во 1922 година. Кога првпат е создаден, во 1880 година, со својата оригинална димензија (речиси 70 см) како крунисувачки елемент на „Портите на пеколот“, „Мислителот“ бил именуван како „Поетот“. Тој го претставувал Данте, авторот на „Божествената комедија“, која, пак, претставува инспирација за „Портите“, навален нанапред за да ги набљудува круговите на пеколот додека медитира над своето дело. Така, „Мислителот“ првенствено претставувал истовремено и суштество со измачено тело, речиси проколната душа, и слободоумен човек, одлучен да го пренесе своето страдање преку поезијата. Иако останува на своето место на монументалните „Порти на пеколот“, „Мислителот“ бил изложен самостојно во 1888 година и на тој начин прераснал во индивидуално дело. Зголемен во 1904 година, неговата голема верзија доживува уште поголема популарност: оваа слика на човек изгубен во своите мисли, но чие моќно тело сугерира голем капацитет за акција, станува една од најславните скулптури на сите времиња. Постојат поголем број примероци од оваа скулптура низ светот, вклучувајќи ја и таа во градините на музејот „Роден“, подарок на градот Париз, инсталиран пред Пантеонот во 1906 година, како и скулптурата во градините на куќата на Роден во Медон, поставена на гробoт што го дели со својата жена.