Најновите истражувања покажуваат дека над 40 отсто од видовите на инсекти се во исчезнување, а околу една третина се загрозени. Главна причина за забрзаното исчезнување на инсектите е интензивното земјоделство, особено големата употреба на пестициди. Меѓу главните фактори за ваквиот негативен тренд се и урбанизацијата и климатските промени, покажуваат најновите истражувања
Сѐ поголем број видови на инсекти исчезнуваат или се на пат за исчезнување, зголемувајќи ја опасноста од катастрофален колапс на екосистемот на природата. Најновите истражувања покажуваат дека над 40 отсто од видовите на инсекти се во исчезнување, а околу една третина се загрозени. Експертите предупредуваат дека ако не се запре ваквиот тренд, во опасност ќе биде доведен и самиот опстанок на човештвото, наведува „Гардијан“.
Анализата, објавена во магазинот „Биолоџикал конзервејшн“, алармира дека стапката на исчезнување на инсектите е за осум пати побрза од онаа на цицачите, птиците и рептилите. Според експертите, планетата се наоѓа на почетокот од шестото масовно исчезнување во нејзината историја, а веќе се регистрирани огромни загуби кај поголемите животни, кои се полесни за изучување. Но инсектите се најразновидни и најмногубројни животни, кои се од есенцијално значење за правилно функционирање на сите екосистеми, бидејќи претставуваат храна за другите суштества, а се и главни запрашувачи и рециклирачи на хранливи материи.
Колапс на популациите на инсекти, според „Гардијан“, неодамна е регистриран во Германија и во Порторико, но најновото истражување покажува дека кризата е глобална.
– Трендот со инсектите потврдува дека шестото масовно исчезнување има огромно влијание врз животинските видови на нашата планета. Доколку не го смениме нашиот начин на производство на храна, инсектите како целина се на добар пат за исчезнување во наредните неколку децении. Последиците по екосистемот на планетата ќе бидат, во најмала рака, катастрофални – предупредуваат експертите во заедничкиот извештај.
Како главна причина за забрзаното исчезнување на инсектите е наведено интензивното земјоделство, со особено големата употреба на пестициди. Меѓу главните фактори за ваквиот негативен тренд се и урбанизацијата и климатските промени.
– Ако не се запре исчезнувањето на видови на инсекти, ќе има катастрофални последици за екосистемите на Земјата и преживувањето на човештвото. Годишната стапка на загуба од 2,5 отсто во изминатите 25-30 години е шокантна. Тоа е многу брзо. За десет години ќе имаме една четвртина помалку, за 50 години ќе останат само половина, а за сто години сосема ќе исчезнат – предупредува Франциско Санчез-Бајо, еден од авторите на извештајот.
Според него, исчезнувањето ќе има најголеми последици за големиот број птици, рептили, водоземци и риби што јадат инсекти.
– Доколку им се одземе овој извор на храна, сите овие животни ќе изгладнат до смрт – додава Санчез-Бајо.
Вакви разорни ефекти веќе се забележани во Порторико, каде што најновите истражувања покажуваат намалување на копнените инсекти за 98 отсто во изминатите 35 години. Па така, на пример, во САД во 1947 година се регистрирани околу шест милиони колонии на пчели, а денес нивниот број е намален за три и пол милиони.
Истовремено, се зголемува малиот број на адаптибилни видови, но нивниот број не е ни приближно доволен за да се дополнат големите загуби на инсекти.
– Секогаш постојат видови што го искористуваат вакуумот настанат од исчезнувањето на други видови – истакнува Санчез-Бајо.
Најголемиот дел од анализираните истражувања е спроведен во Западна Европа и САД, а неколку се спроведени од Австралија до Кина и од Бразил до Јужна Африка.
– Главна причина за опаѓањето е интензивирањето на земјоделството. Тоа значи елиминација на сите дрва и грмушки што обично ги обиколуваат полињата, па така, остануваат празни, соголени полиња, кои се третираат со синтетички ѓубриња и пестициди. Исчезнувањето на инсектите по сѐ изгледа почна на почетокот од 20 век, забрза во 1950-тите и 1960-тите и достигна алармирачки размери во изминатите две децении – додава Санчез-Бајо.
Новата класа инсектициди, според експертите, што беше воведена во изминатите 20 години, вклучувајќи ги и неоникиноидите и фипронилот, имаат посебно штетно влијание, бидејќи тие често се користат и долго опстојуваат во околината. Тоа има влијание и врз блиските природни резервати, па така, на пример, дури 75 отсто од регистрираните загуби на инсекти во Германија се забележани во заштитените области. Според Санчез-Бајо, светот мора да го смени начинот на производство на храна.
– Органските фарми имаат повеќе инсекти, а повремената употреба на инсектициди во минатото не предизвика такво големо ниво на исчезнување, како што е забележано во изминатите децении. Индустриското, интензивно земјоделство е одговорно за уништувањето на екосистемите – додава Санчез-Бајо.
И другите експерти се согласуваат дека станува сѐ појасно дека загубите на инсекти сега се глобален проблем.
– Сите докази укажуваат на иста насока. Би требало сите ние да се загрижиме, бидејќи инсектите се во основата на секоја мрежа на храна, тие ги запрашуваат поголемиот дел растителни видови, ја одржуваат здрава почвата, ги рециклираат хранливите материи и уште многу други работи. Без разлика дали ги сакаме или ги мразиме, ние луѓето не можеме да преживееме без инсектите – предупредува Дејв Гулсон, професор на универзитетот „Сасекс“.
Од друга страна, Санчез-Бајо додава дека неодамна од прва рака се уверил во забрзаното исчезнување на најразлични видови инсекти.
– На неодамнешниот семеен одмор возевме околу 700 километри низ рурална Австралија, но ниту еднаш не морав да ја исчистам шофершајбната. Пред неколку години, морав постојано да го правам тоа – заклучува Санчез-Бајо.