Посебни се миговите кога Дафина, Атанасија и Христо настапуваат некаде, било на натпревар или на концерт, а најмалата Марија, која има три години, на сите им вели дека нејзината виолина се чува кај мајсторот и ќе ѝ ја даде кога ќе порасне, вели тато Спиро Дејкоски
Ви го претставуваме музикалното семејство Дејкоски од Охрид
Охриѓанецот Спиро Дејкоски е горд татко на четири деца, три ќерки и еден син, кои музикалноста ја наследиле од него. Засега три деца свират виолина, како и тој, па куќата често одекнува со убави звуци. Навистина е реткост да се запознае едно вакво музикално семејство, па затоа решивме да ви ги претставиме членовите, на кои животот им е музика, во буквална смисла на зборот.
Главниот збор за напредокот на своите деца го има тато Спиро, секако со огромна поддршка на мама Анета, па затоа му поставивме неколку прашања, на кои тој со задоволство ни одговори.
Најпрво претставете ни ги сите четири талентирани дечиња?
– Најстара е ќерка ми Дафина Дејкоска. Таа има 12 години и е ученичка во седмо одделение во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Втората ќерка се вика Атанасија Дејкоска, има 11 години, учи во шесто одделение во истото училиште, а синот Христо има 9 години и е ученик во петто одделение во ова училиште. Најмала е Марија Дејкоска, има три години и ужива во безгрижните детски години, заедно со своите баби, дедо и сите најблиски.
Дафина, Атанасија и Христо свират на виолина од второ одделение, поточно кога имаа 7 години. Паралелно со основното училиште, редовни ученици се и во ОМУ „Методи Патче“ во Охрид.
Вашите деца се големи таленти, за што се потврда и освоените награди. Кои се нивните најголеми успеси?
– Голем стимул за децата се наградите, пофалбите, учеството на разни натпревари, каде што имаат можност да се споредат со другите врсници. Ќе набројам неколку поважни награди за нив: во 2014 и 2015 г. Дафина и Атанасија ја освоија првата награда на Државниот натпревар по виолина, а следната, 2016-та, Атанасија го повтори овој успех. Таа во 2017-та го освои и првото место на меѓународниот натпревар по виолина „Полихимнија“. Христо сѐ уште не се натпреварува, но упорно се труди да им се придружи на Дафина и Атанасија во натпреварите.
Заедно со натпреварите по виолина, Дафина, Атанасија и Христо исто така постигнуваат успеси и на натпреварите по математика и природни науки.
Дали можеби и најмалата Марија покажува талент за музика?
– Дефинитивно и Марија бог ја надарил со талент за музика. Таа веќе си ги пее детските песнички точно и чисто интонативно, без притоа да бара или добива некаква помош од поголемите сестрички и братчето. Нејзиниот глас веќе надалеку се слуша, а ова може и соседите да го потврдат (ха, ха). Таа на сите им вели дека нејзината виолина се чувала кај мајсторот за виолини, ама ќе ѝ ја дадел кога ќе пораснела.
Веројатно талентот за музика и љубовта кон виолината децата го наследиле од вас.
Што ви значи вам музиката и дали знаете понекогаш и сите заедно нешто да засвирите? Сте имале ли семејни јавни настапи?
– Како велат, крушата под круша си паѓа. Ние сите сме некако зависни од музика. Дедо Жика свири на хармоника, вујче Зоран на гитара, тато на виолина, мама прекрасно пее, децата свират, пеат во хор… Сите се аматери, но со голема љубов кон музиката и убавата песна. Музиката за нас е релаксација по секојдневните активности и неизбежен детаљ на нашите семејни дружења. Јавен настап во комплетен состав сѐ уште не сме имале, ама се надеваме дека во блиска иднина и тоа ќе се случи.
Кои се амбициите, желбите и плановите на младите виолинисти за наредниот период?
– На бога би оставиле сѐ. Нека биде волјата негова. Можеби е веќе време да имаме и конкретни цели, но нашите желби и планови се да продолжиме со упорна работа, а преостанатото би било само логична последица од напорната и квалитетна работа. Нашето мото е „со квалитетна работа до квалитет“.
Секако, ќе треба да ги споменеме и професорите што им помагаат на децата да чекорат по патот на успехот.
– Професорите не само што им помагаат туку несебично ги водат на тој пат. Професорката по виолина Христина Николеска-Пецаковска е најзаслужна за сѐ што постигнале досега и во иднина ќе научат во нивното школување во ОМУ „Методи Патче“, но исто така и нивната корепетиторка Ирена Веруш, која заедно со Христина ги следи на сите нивни настапи и ги поттикнува нивните желби и соништа да станат јаве.
Какви се децата во слободните мигови, ако ги имаат, бидејќи претпоставувам дека вежбаат секојдневно. Кои се други нивни интереси?
– Слободно време имаат многу малку. Два дена во неделата по часовите одат на музичко, а во преостанатото време треба да се завршат и обврските кон училиштето. Многу често се случува домот да ни личи на музичко училиште – од секаде се слуша звук на виолина. Но децата не би биле деца ако не најдат и време за дружење со другарите, другарките, братучедите: Пепо, Аце, Стефи, Захарија, Исидора, Тео, Коки, Алексеј… Многу сакаат да возат велосипед и да одат на излети во природа.
Мама Анета сигурно е заслужна тие навреме и редовно да ги завршуваат своите обврски и за што сѐ друго?
– Мама е најзаслужна за навременото извршување на нивните обврски. Таа е главниот креатор на дневните распореди на времето, а до минатата година таа беше најредовна посетителка на музичкото училиште. Малку ни е далеку, па во недостиг од време таа е таа што ги разнесуваше до училиште.
Кога се чувствувате најубаво?
– Секогаш кога сме сите заедно. Посебни се миговите кога Дафина, Атанасија и Христо настапуваат некаде, било на натпревар или на концерт. Чувството е ненадминливо, неописливо – онакво какво што им посакуваме на сите родители да доживуваат и споделуваат со своите деца.
Која беше новогодишната желба на младите виолинисти?
– Да се среќни, здрави, весели и да освојуваат награди на натпреварите на кои ќе учествуваат. Секако, јас и Анета, како и досега, ќе се гордееме со нив и ќе направиме сѐ да ги остварат своите соништа.