Пред проекцијата во Луково девет докуникулци ги претставија своите идеи за снимање документарен филм. Меѓу темите што беа отворени во предлозите се истакнуваа впечатоците и приказните од Пустец, ученичкиот живот во интернат, приказните за возач и за правење ајвар, еколошка приказна за исчезнувањето на видовите и потрагата по македонскиот рис, но и за губењето на индивидуалноста под влијание на силна идеологија
Заврши Патувачкото кино на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“. Првпат во своето постоење Патувачкото кино имаше регионален карактер, се одржа од 1 до 12 јули и опфати седум населени места на бреговите на Охридско и Преспанско Езеро од двете страни на границата, вклучувајќи проекции на документарни филмови во Лабуништа, Бучимас, Вишни, Драслајца, Пустец, Луково и Лин.
– Паралелно со активностите на Патувачкото кино се одвиваа и сесиите на третата генерација „Докуникулци“, која ја сочинуваат 12 млади од 15 до 18 години од регионот. Сесиите ги менторираа Петра Селишкар од „Македокс“, Еол Чашку и Аријанит Џонбалај од академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана. Проектот „Докуникулци“ годинава се реализира како регионална платформа за стекнување знаења и искуства за креативната документаристика. Пред проекцијата во Луково девет докуникулци ги претставија своите идеи за снимање документарен филм. Меѓу темите што беа отворени во предлозите се истакнуваа впечатоците и приказните од Пустец, ученичкиот живот во интернат, приказните за возач и за правење ајвар, еколошка приказна за исчезнувањето на видовите и потрагата по македонскиот рис, но и за губењето на индивидуалноста под влијание на силна идеологија. Селекцијата на најдобрите три идеи ќе се случи пред почнувањето на фестивалот „Македокс“ во август – велат организаторите.
Паралелно со проекциите, а по повод неговото десетто издание, почна да се снима документарен филм за Патувачкото кино на „Македокс“. Креативен продуцент и снимател на филмот е Бранд Ферро, режисер е Питер Зак од Берлин, кој се занимава со креативна документаристика од 1993 година, ко-продуцентка е Јана Цизар, која повеќе од десет години се занимава со продукција на креативни документарни филмови и живее во Берлин, а снимател на звукот е Паоло Бенвинути од Италија.
Во тек се подготовките за 10-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кое ќе се одржи од 21 до 28 август во „Куршумли-ан“ во Скопје. Веќе е отворен повикот за волонтери, кој трае до 25 јули, а деталите ќе ги најдете на веб-сајтот и фејсбук-профилот на „Македокс“.